Ромите кои се дел од ЛГБТИ+ заедницата во земјава доживува двојна дискриминација. Кај нив постои стравот дека доколку ја искажат својата сексуална ориентација или родова определба ќе бидат отфрлени од својата заедница која е веќе маргинализирана, но стравуваат и дека ќе бидат отфрлени и дискриминирани во рамки на ЛГБТИ заедницата. Ова се дел од заклучоците на дискусијата за состојбата и пристапот до права на ЛГБТИ+ ромите која во организација на „Субверзивен фронт“ вчера се одржа во „Комитет“.
Според активистот Денис Арслановски кој работи во центарот за социјална работа во Битола, од пред 20 години ЛГБТИ луѓето од ромската заедница биле помалку стигматизирани, во однос ЛГБТИ луѓето во другите етнички заедници, но во последните 20 години намалена е толеранцијата и трпението поради, како што рече, исламизацијата на ромите како етничка заедница.
„Ако имаше прифаќање луѓето немаше да се женат, да оформуваат семејства и да прават бракови кои искрено не ги посакувале. 90 отсто од ромските ЛГБТИ лица во Битола се во бракови, се соочуваат со предрасуди“, забележа Арслановски.
Тој вели дека проблем е тоа што голем дел од Ромите се необразовани и сиромашни, што само го подгрева целиот проблем.
„Сиромаштијата и невработеноста се проблеми со кои се соочуваат сите Роми. Ако си трансродово лице многу е тешко, излезот е да си сезонски работник, нешто во хигиена, ниско платени работи кои ги држат во маргините. Дополнително, дури и во самата заедница тие луѓе живеат буквално на маргините од таа маргинализирана населба. Дел од нив се принудени да заработуваат од проституирање, што не мислам дека воопшто не е поволна улога во општеството и од моето искуство до сега гледам дека голем дел од нив не се едуцирани за сексуалните преносливи болести“, истакнува Арслановски.
Тој нагласува дека трансродовите и феминизираните лица се видливи без оглед на етникумот, додавајќи дека неколку транс лица го отвораат патот за сите во заедницата.
„Самата изложеност на улица доведува до дофрлување на разни коментари, некогаш и незлонамерни, но можеби имаш работа некоја, без притоа да имаш непотребни разговори, немаат избор и често пати кажуваат дека тоа им одзема енергија. Од друга страна има луѓе кои живеат тотално затворени и не излегуваат од нивните 4 ѕида воопшто. Буквално живеат во депресија, живеат опресирани од најблиските, фамилијата се срами од нив“, објаснува тој.
Според Николина Николовска, социјалната работничка и советничка на првата национална телефонска линија за ЛГБТИ лица, ЛГБТИ ромите се соочуваат со повеќекратна дискриминација.
„Тие доживуваат најразлични форми на дискриминација од кои најзагрижувачка е структурната дискриминација, сегрегација, отфлање на оваа заедница во одреден дел од градот каде условите на живот се на пониско ниво, владее сиромаштија, невработеност, но и пристапот на образование. ЛГБТИ луѓето и во здравството се соочуваат со предрасуди поврзани со ХИВ, недостиг на специјализирани услуги од делот за машко сексуално здравје, сензибилизација на здравствените работници особено гинеколози кои ќе одговорат на потребите на лезбејките и бисексуалките. Можам да кажам дека ЛГБТИ се соочуваат со проблеми во секој сегмент на живеењето“, вели таа.
Според Николовска, голем дел од ова малцинство се научени да трпат дискриминација и насилство, се додека таа дискриминација не стане животнозагрозувачка и основа да пријават. Таа додава дека ова доведува до проблеми со менталното здравје, поголема анксиозност, депресивност, отфрленост итн.
„Во сите институции има исклучоци што се сензибилизирани за работа со ЛГБТИ лица воопшто, меѓутоа има и професионалци кои што едноставно не сакаат да работат со оваа популација и директно и индиректно имаат предрасуди и вршат дискриминација“, објаснува таа.
Николовска заклучи дека поприфатен дел од ЛГБТИ ромската заедница се МСМ лицата, односно мажи кои имаат секс со мажи кои за разлика од геј лицата веќе имаат склучено брак и веќе ги оствариле општествените вредности каде целта е формирање на семејство.
„Ова е нешто што го имам увидено од моето искуство, ова е вака бидејќи МСМ заедницата веќе ги има остварено општествените норми кои што вредности се наметнати дека треба да формираат семејство, а веќе го имаат остварено, а веќе можат паралелно да имаат и друга врска од ист пол. Сè додека она што во општеството е прифатливо и ја исполнат својата улога, на некој начин е и нормализирано“, додава таа.
Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика истакна дека прашањето на овие лица се поткренало со донесувањето на Стратегијата за еднаквост и недискриминација 2019/2020 година.
Таа се осврна и кон формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како независно тело кое понатаму ќе ги заштитува граѓание кои што се сметаат за дискриминирани, но и на другите активности преку кои МТСП се фокусира на ЛГБТИ лицата.
„Се работи и на отварање на посебен акциски план за заштита на ЛГБТИ заедницата во таа насока е формирана работна група, направени се измени на стратегијата и се подготвува нова стратегија за 2026 година кога овој акциски план може да биде интегриран како основен дел на оваа стратегија. МТСП го потенцираше важното законско решение за спречување и заштита од насилство и семејното насилство, закон во кои се интегрирана и заштитата на ЛГБТИ лицата. МТСП учествуваше во работната група за законот за матична евиденција. Овој закон успеа во Владата, сега се наоѓа во Собрание“, истакна таа.
Пратеничката Љатифе Шиковска истакна дека е тешко да се работи на оваа тема со одредени семејства, ја нагласи и потребата за поголеми канали и зголемувањето на свеста со текот на времето. Според неа, ромската заедница генерално, нема предрасуди и ја прифаќа ЛГБТИ+ заедницата.
„Меѓутоа, сè уште имаме стереотипи кон ЛГБТ заедницата, понекогаш е многу тешко да се прифати реалноста – дека тие се тука меѓу нас и треба да им подадеме рака дека и тие се човечки суштества без разлика на нивната сексуална ориентација“, рече пратеничката.
Ивана Смилевска