Денешниот четврток во Рајнскиот карневал им припаѓа само на жените. Тие ја преземаат власта во општинските собранија и не дозволуваат настаните од новогодишната ноќ во Келн да им го расипат карневалското задоволство, пишува Дојче Веле.
Во Рајнската област овој четврток е неофицијален празник. Денеска е „вајберфастнахт“, со што кулминира сезоната на карневалот. И денеска, како и на 11.11.2015, кога започна, во исто време – 11 часот и 11 минути – десетици илјади костимирани карневалисти релаксирано ќе го слават „петтото годишно време“; прво на некој плоштад, а потоа по улиците и кафулињата. Близок телесен контакт со непознати луѓе е исто толку дел од карневалот, колку и музиката и пивото: нишање во ритамот на музиката фатени раме за раме, бакнување, традиционален танц кај кој двојката се трие со задниците.
Таквите безгрижно-еротски алузии годинава за многу жени добија чуден белег. Нападите врз стотици жени во новогодишната ноќ ја придушија опуштената атмосфера која вообичаено го краси карневалот. Токму во Келн, во епицентарот на рајнскиот карневал. Овојпат, наводно, треба да биде побезбедно од било кога. Новиот безбедносен концепт на градот предвидува ангажирање на двојно повеќе полицајци отколку во минатите години. Полицијата ќе интервенира енергично, посебно против мажи кои нема да го прифатат женското НЕ. Полициското присуство ќе биде значително засилено и во Диселдорф и Бон. Градовите и претставници на карневалот ги информираа бегалците околните сместувалишта за овдешните со векови стари карневалски обичаи. Насекаде има и летоци со такви информации на седум јазици, пишува германскиот медиум.
Во Средниот век дамите од повисоките слоеви на вајберфастнахт смееле да се однесуваат спротивно на вообичаените норми, да пијат, да се гоштаваат и слават. Во 18. век дури и во неколку манастири имало таков исклучителен ден: на калуѓерките им било дозволено и пиење, да се забавуваат со игри на среќа и да танцуваат до утринските часови. Во 19. век неколку перачки од Бојл, место кај Бон, го поставија темелот на денешните обичаи врзани за вајберфастнахт. Тие морале да работат по 16 часови дневно и да ги перат валканите алишта на господарите од околината, но и на своите мажи, за да можат да одат со чисти алишта на карневал, додека тие морале да се грижат и за децата.
Во 1824. година перачките му ставиле крај на тоа. На тој четврток ја оставиле работата и се состанале во некоја гостилница, за да можат да си дадат одушка озборувајќи ги мажите. Јасно, притоа не пиеле само кафе и чај. Така бил формиран „Комитетот на дамите од Бојл“. Обичајот фатил корен, Бојл станал карневалско упориште. Перачките оттогаш станаа институција во карневалот Бон-Бојл. Жените на вајберфастнахт ги заземаат градските собранија и ја преземаат власта, сечејќи им ги притоа краватите на мажите.
За идејата од Бојл набргу се прочуло во Рајнска област. Многу женски групи го прифатиле обичајот на перачките од Бојл. До денес се одржа обичајот на мажите да им ги сечат вратоврските, како симбол на машката власт (шегобијците помислуваат и на нешто полошо!). Краватите биле собирани како скалпови. Но, и мажите добивале нешто во противпотег – еден „бицхен“ (бакнеж). И покрај настаните од новогодишната ноќ, најголем дел од жените ни годинава не се откажуваат од тој обичај.
Извор: DW