Претседателот на Собранието на С. Македонија, Талат Џафери, изјави дека Собранието, поради правни пречки, нема да може да се собере и да ја разгледа предлог-одлуката на Владата за прогласување вонредна состојба, додавајќи дека документот ќе го препрати до Претседателот на државата, Стево Пендаровски, за тој да донесе одлука по предлогот, според уставните надлежности.
„Од правен аспект, со експертите, заклучокот е дека Собранието не е во можност да се собере како резултат на претходната одлука за самораспуштање, со што Собранието го има вратено суверенитетот кај граѓаните, како можност да одлучува во нивно име. Во тој контекст, предлогот беше дека е неопходно да се објави вонредна состојба, која ќе овозможи други надлежни институции соодветно да функционираат и да делуваат поради новонастанатата ситуација. Од моментот на прогласување на вонредна состојба и надлежностите на Собранието, во смисла на законодавство, преминуваат во надлежност на Владата која со уредби со сила на закон треба да ги уредува и доуредува сите околности поврзани со потребата и предусловите за објавување на вонредна состојба“, рече Џафери.
Како што претходно изјави премиерот Оливер Спасовски, воведувањето на вонредната состојба нема по автоматизам да значи дека ќе се воведат рестрикции на слободите и движењата на граѓаните. Според него, вонредната состојба ќе значи дека Владата ќе може да носи одлуки, најмногу во економскиот дел. За мерките за ограничување, истите ќе се носат на дневна основа. Порача до сите да ги откажат патувањата и да не му пркосат на вирусот. А секој кој ќе сака да излезе од земјта ќе треба да потпише изјава дека нема да се врати 3 месеци.
Спасовски се повика на Уставот за тоа како би функционирала вонредната состојба, дополнувајќи дека состојбата зависи и од какво поведение ќе има од граѓаните.
„Што ќе преземеме и какви мерки ќе преземеме – ќе зависи од состојбите во државата. Ова значи, нормално функционирање на животот, нормално работење, а само во сегменти кај што ќе сметаме дека треба да се зајакне контролата – ќе ги направиме. Однапред ништо не е дефинирано дека, не знам, сега имаме полициски час, ова или она… Не! Тоа ќе го дефинираме со одлуки на Влада, со уредбите кои ќе се носат, врз основа на тоа како ќе се однесуваме сите ние“, рече Спасовски.