Овогодишниот ЕГЗИТ ќе трае пет дена и ноќи, а неговиот нулти ден прерасна во вистински фестивал сам по себе. Kултната бина на ЕГЗИТ фестивал, „Ноу Слип Нови Сад“ (No Sleep Novi Sad), оваа година ќе се прелее и на колосалната Денс aрена, каде што во среда, 5-ти јули, ќе започне првиот „Ноу Слип“ фестивал на ЕГЗИТ.
Прв што ќе го отвори фестивалот е најголемата техно икона на сите времиња, виртуозниот уметник кој ја редефинираше современата музика и култура, Џеф Милс (Jeff Mills). Специјално за оваа прилика, Милс ќе настапи со редок, тричасовен сет кој ќе започне вечерта, надополнет со посебна визуелна програма и ќе продолжи сѐ до спектакуларното изгрејсонце над Арената.
Во овој потфат тој нема да биде сам, бидејќи токму од средиштето на берлинската сцена, на Арената доаѓа и Елен Ејлиен (Ellen Alien), а од европската престолнина на техното, својот премиерен заеднички настап ќе го имаат и уште две техно шампионки, Паула Темпл (Paula Temple) и Ребека (Rebekah). Уште еден премиерен бек-ту-бек настап ќе изведат Ју-Ви-Би (UVB), францускиот техно продуцент во вртоглав подем, и Лаг (Lag), новосадската ѕвезда со меѓународна кариера која неодамна го одведе и на американска турнеја. Чест да ја отворат бессоната ноќ на Арената ќе имаат Марта Габровшек од Словнија и Шугар Лоби (Sugar Lobby) од Белград, додека завршниот сет е резервиран за Дејан Милиќевиќ и Марко Милосављевиќ.
Инаку, Џеф Милс неодамна повторно беше одликуван со титулата Витез на уметностите во Франција, овој пат од повисок ранг, а неговите аудио-визуелни поставки редовно се присутни и во парискиот „Лувр“. Тој ја покрена и славната детроитска техно школа и основач е на нејзината најпозната организација „Underground Resistance“. Првите албуми ги објави уште во 1992 година за берлинската техно институција „Трезор“, а тој е и еден од пионерите на техниката на миксови на три и повеќе грамофони. Славен е и неговиот надимак „Волшебникот“ (The Wizard), кој го доби бидејќи понекогаш во сетовите знаеше да употреби и повеќе од 70 плочи во еден час!
Еднодневните влезници за „Ноу Слип Фестивал“ на Егзит, ќе бидат пуштени во продажба од среда, 24-ти мај, точно напладне, а нивната прва цена ќе биде со дури 50 отсто заштеда во однос на финалната цена. Сите кои имаат четиридневни или петдневни влезници или некоја од акредитациите за ЕГЗИТ, ќе можат да влезат бесплатно со својата фестивалска нараквица која претходно ќе ја преземат на стандардните заменски места.