Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал оваа година се одржува под мотото „Борба. Не Војна!“. Фестивалот официјално беше отворен вчера со поетско читање на домашни и странски поети придружено од театарскиот танцов перформанс „Сонцето денес не изгреа“ на Енџи Николоска и Бојан Лазаров по мотиви од поезијата на учесниците и ликовна изложба на Тома Димовски.
Во пресрет на денешниот, втор ден од официјалната програма направивме интервју со еден од гостите, поетот Џејмс О’Лери кој доаѓа од Ирска. Тој денес, заедно со поетесата Одвеиг Кливе ќе одржат мастерклас за поетски филмови наменет за млади, а вечерва ќе читаат на интернационалната поетска вечер заедно со поети од Грција, Словенија, Србија и Хрватска.
Низ разговорот Џејмс ни открива повеќе за неговиот процес на пишување, неговите ставови за поезијата, филмот и театарот, а разговараме и за тоа зошто се важни поетските фестивали.
Не сте ѝ сосем непознат на македонската публика. Некои од вашите песни се веќе објавени на македонски јазик во двојазичната панорама на современа ирска поезија „Восторг/Rapture“. Може ли да ни откриете повеќе за вас како поет? Кога започнавте да пишувате поезија и кога одлучивте да објавувате поезија? Дали творите и во друга книжевна форма?
Како дете и во тинејџерскиот период пишував кратки текстови за песни и песни, со многу едноставни рими. Не знам што го започна „ова“, но знам дека дома отсекогаш имаме книги и отсекогаш слушам многу музика, а особено ме фасцинира текстот. На 18 години ја открив Силвија Плат и почнав да пишувам посериозно и да истражувам поезија. Тоа ме одведе до откривање на локалните поетски списанија и на крајот објавување свои песни таму. Истовремено, станав дел од група за пишување и почнав да посетувам поетски читања и да ја запознавам пошироката поетска заедница во мојот град. Сум пробал да пишувам во различни форми низ годините, но сметам дека не сум доволно талентиран за тоа, „заглавив“ со поезијата.
Вашата прва збирка поезија „Во оваа куќа има чудовишта“ ја допира „сивата зона“ меѓу зависноста и закрепнувањето, ко-зависноста и љубовта. Втората „Сакрамент на болните“ која е преведена и на македонски јазик во издание на „ПНВ Публикации“ навлегува подлабоко во состојбите како што се болеста, искушението да продолжи да се живее и посетувањето терапија. Што ве мотивира да ги истражувате и што значи да се пишува на овие теми?
Тие песни претежно се базираат на мои искуства, и им даваат смисла на животните предизвици. Терапијата и третманот се местото каде започнува заздравувањето, а песните потоа се начин за креативно истражување на она што емотивно е веќе испроцесирано. Тоа значи дека преку љубопитност и инвентивност можам да им се приближам на темнината и потенцијалниот хумор или изненадувањето што се крие во таквите состојби. Се надевам дека на тој начин можам да им одговорам и да си поиграм со состојбите, истовремено држејќи дистанца од личното доживување и некаква „команда“ над неговата емоционална моќ.
Во вашата втора книга се насетува поетиката на уморот, а истовремено песните провоцираат за потребата да се искористи секој момент. Ја има ли поезијата моќта да ја подигне свеста за човечките состојби како болест, зависност од дроги и различните емотивни кризи?
Мислам дека ја има. Мислам дека тоа е она со што се опседнав во делата на Силвија Плат претходно. Гледањето на поезијата како на длабоко чувство искажано со прецизен јазик и строга форма беше важно за мене и ми помогна во животот и во пишувањето. Поезијата може да биде „сад“ за многу работи, но својата моќ може да ја задржи и да ја насочи единствено ако е добро составена. Поезијата продолжува да ме буди во свет на изразување и ми овозможува да ги согледам работите со нови очи.
Дали се идентификувате со лирскиот субјект во вашите песни? Доколку да, како ја опишувате поврзаноста меѓу вас и темите и емоциите изразени во вашата поезија?
Често да. Кажав дека вообичаено пишувам од лично искуство, но во поезијата овие искуства се засилени и изменети за да ѝслужат на песната. Така што, дури и да напишам нешто за некој вистински настан, никогаш нема да го опишам исто онака како што се случил, секогаш ќе има детали кои се додадени или испуштени, слики и метафори кои се ставени намерно. Значи, дури и „најавтобиографските“ песни се пола фикција во буквална смила, но се стремат кон поголема емотивна вистина давајќи ѝ предност на естетската убавина на стиховите.
Зошто се важни поетските фестивали денес?
На поетските фестивали гледам како поетите остваруваат конекции со други поети и како се инспирираат и охрабруваат меѓу себе, и тоа е важно за одржување на поетската заедница. Навистина е енергичен целиот прцес на доаѓање на едно место и споделување на својата поезија со други поети. Пишувањето во главно е осамено, па виталноста на овие фестивали надодава на важниот аспект да се биде поет/автор. Од друга страна, може да ја направи поезијата многу подостапна за публиката и да овозможи поинаков начин присутните да се поврзат со неа.
Освен на поезија, автор сте на неколку кратки филмови. Како ги поврзувате поезијата и филмот?
Поезијата многу често била опишувана не како мисла туку како умстевно размислување. Не конкретна идеја, туку нешто што е во движење. И секако, филмот е слика во движење. Ги имате овие две уметнички форми кои може да функционираат една покрај друга и двете движејќи се низ времето и тие може меѓусебно да се надополнуваат, се разбира доколку тоа е направено на добар начин.
Покрај тоа, вие сте и театарски режисер. Какви теми ве интересираат во театарската уметност?
Поминаа десет години откако последно работев во театар, но напишав краток хорор драмски текст што подоцна беше поставен на сцена како дел од антологија со неколку едночинки напишани од други авори – што беше интересен процес на соработка. Бидејќи досега имам режирано само дела на други, сфатив дека главната работа во театарот, како режисер, е да ги водиш на актерите во нивните намери за секоја сцена. Откако ја проучував секоја реченица од драмскиот текст и како секој од деловите ја креира целосната приказна, морав да ги знам емоциите и логиката на секоја сцена. Притоа, им дозволував на актерите да ме изненадат или да вложат свој труд, што ме води до заклучокот дека театарското искуство е поинакво од сè друго.
Меѓу поезија, филм и театар, во кој медиум најлесно се изразувате? Дали има разлика меѓу „Поетот Џејмс“, „Филмаџијата Џејмс “ и „Театарскиот режисер Џејмс“?
Би рекол дека најлесно се изразувам преку поезија иако тој процес ми одзема најмногу време. Пишувањето на една песна може да трае со недели, месеци или години, но кога ќе се заврши го има чувството на исполнетост. Како поет, дури и кога сум на работилници или околу уредници, мислам дека јас сум единствениот кој може да го стави секој збор на своето место, така што тоа е самостоен процес на создавање. Со филмот и театарот, работењето со други креаира интересен простор за да „се предадеш“ на непознатото, на умовите на другите, и тоа е многу различен, понекогаш и подинамичен процес на работа. Но, и покрај тоа, поезијата е просторот во кој имам најмногу искуство и контрола и останува најмистериозна за мене.
За време на фестивалот ќе одржите мастерклас за поетски филмови наменет за млади. Кој е вашиот совет или порака за младите за (или идни) поети и филмаџии?
Мојот совет е кога се започнува одреден проект, да се оди до крај, до негово завршување. Што е едноставно, но започнувањерто нешто креативно може да биде застрашувачко и префекционизмот може да се испречи на патот до целта. Особено на почетокот, создавањето повеќе работи истовремено е секогаш подобро отколку да се заглави со совршената идеја, бидејќи чинот на креирање ве учи како да го правите тоа. Многу идеи нема да функционираат или да излезат како што сте се надевале, но никогаш не можете да знаете кој проект ќе триумфира. Квантитетот води до квалитет.
Ангела Бошкоска