Телескопот „Џејмс Веб“ извади нови спектакуларни фотографии од Нептун на кои се забележува екваторијален прстен.
Инструментите за инфрацрвена светлина вградени во „Веб“ овозможија да се доловат деталите и карактеристиките на Нептун што не се снимени толку прецизно од 1989 година кога сондата „Војажер 2“ прелета околу планетата.
Новите снимки покажуваат прстен што ја опкружува ледената планета, а се забележуваат и различни структури на облаци што ги заинтригира научниците. Според нив, деталите забележливи на новите фотографии треба да откријат нови податоци за тоа како функционира атмосферата околу Нептун.
Нептун со „Хабл“ Нептун со „Џејмс Веб“
„Подолгите бранови должини се сосем нови и може да ни отворат нов прозорец кон длабоките циркулаторски шеми со светла екваторијална лента што по малку заличува на прстените на Јупитер и Сатурн“, изјавил за „Би-Би-Си“, професорот Ли Флечер од Универзитетот Лестер.
Покрај планетата, на снимките се забележуваат и седум од огромните 14 месечини, а највпечатлива од нив е месечината „Тритон“.
На фотографиите „Тритон“ се појавува како ѕвезда, а тоа е така поради што Нептун во снимките е затемнет од абсорпцијата на метан и црвените бранови должини. Од друга страна, „Тритон“ рефлектира 70% од сончевата светлина што удира во неговата ледена површина и поради тоа изгледа многу светло.
Нептун е најоддалечената планета од Сонцето во нашиот Сончев систем. Таа орбитира околу него на оддалеченост од 4,5 милијарда километри и за да заврши една револуција потребни се 164,8 години.
Неговата атмосфера содржи многу хидроген и хелиум, но има големо количество мраз, вода, амонијак и метан. Дијаметарот на Нептун изнесува 50.000 километри што е речиси четири пати повеќе од оној на Земјата.