Последната фотографија од телескопот „Џејмс Веб“ на НАСА открива ново небесно дело во вид на етеричен часовник составен од портокалова и сина прашина што се исфрла од новосоздадена ѕвезда во неговиот центар.
Станува збор за многу млада ѕвезда, позната како протоѕвезда L1527 што е скриена во темнината покрај работ на ротирачки диск со гас на вратот од песочниот часовник. Светлината се излева од врвот кон долниот дел на дискот и ги осветлува облаците во форма на песочен часовник. Ваквите шарени облаци од прашина се видливи само со помош на инфрацрвена светлина, и поради тоа досега немало можност да се снимат.
Во соопштението од НАСА стои дека прашината е најситна во сините делови, а најгуста во портокаловите. Притоа, протоѕвездата која е стара само 100.000 години се наоѓа во најмладата фаза на формирање и сè уште не е способна самостојно да генерира енергија.
„Околниот црн диск што е речиси голем колку нашиот соларен систем ќе ја храни со протоѕвездата со материја се додека таа евентуално не стигне до ‘прагот за почеток на нуклеарна фузија’“, објаснуваат од НАСА.
Всушност, како што додаваат од вселенската агенција оваа фотографија прикажува како изгледале сонцето и соларниот систем во нивниот повој.
„Џејмс Веб“ е најмоќниот вселенски телескоп некогаш изграден и веќе има произведено мноштво податоци и зачудувачки слики. Изградбата на најсофистицираната опсерваторија траеше 30 години, а тоа чинеше 10 милијарди долари. Научниците се надеваат дека ќе претстави нова ера на откритија. Една од главните цели на „Веб“ е проучување на циклусот на ѕвездите, а другата цел е фокусирана на егзопланети, односно планети што се наоѓаат надвор од соларниот систем на нашата планета.