Џез музиката доживува нов подем во Европа

Од барови во САД, па се до клубови во Европа, џез музиката била отсекогаш популарна низ целиот свет. Иако овој жанр го доживеа својот најславен период пред речиси еден век, во последниве неколку години повторно доживува подем.

Главен показател за ова се разните веб-страници за стримање музика каде џезот, особено кај помладите генерации, добива се поголема публика.

Овие сајтови за стримање известуваат дека во последниов период кај овој жанр се јавува се поголем пораст на млади слушатели, мејнстрим уметници кои соработуваат со џез ѕвезди и големи музички фестивали кои презентираат повеќе џез акти од било кога.

Анансе, џез артист и воедно организатор на еден од најпознатите џез настани во Лондон „Стем Даун„ („Stem Down„), вели дека главната причина за се поголемиот развој на џезот во последно време се самите артисти.

„Тие се навистина несебични и многу споделуваат едни со други“, вели тој.

Веб сајтови за стримање како Спотифај, Дизер и слично споделуваат дека од година во година се повеќе се забележува зголемување на бројот на прегледи кај џез песните. Особено се забележува пораст кај младите на возраст од 18 до 25 години.

Чил џез плејлистата на Дизер имаше дури 500% повеќе прегледи во изминативе 12 месеци во спредба со лани.

Џез ренесансата се рефлектира и на фестивалите и продажбата на билети. Британски џез во значително голема мера се појави на овогодинешната програма на Гластонбери.

Покрај тоа, оваа година се појавија и голем број нови џез-фестивали, како што е фестивалот „We Out Here“ на диџејот Гилс Питерсон кој се одржува во август во Хантингтон.

Питерсон смета дека овој значителен порат на интерсот меѓу помладите генерации во џез музиката е фактот што тие имаат многу полесен пристап до најразична музика и ова се повеќе го софистицира нивниот вкус.

„Ако имате 21 година сега, можете веднаш да дојдете до сите видови музика без никакви потешкотии. Мојата генерација на таа возраст мораше да купува плочи што го правеше слушањето различна музика значително потешко“, дополнува тој.

Според него целата поента кај овој жанр е да најдеш место каде редовно ќе настапуваш и ќе ја презентираш својата музика. „Причината зошто се појавуваат се повеќе луѓе кои свират џез и звучат одлично, е бидејќи тие постојано некаде настапуваат и создаваат свои простори за да го направат тоа.“, смета Питерсон.

Голем број артисти се решаваат да отворат свои сопствени издавачки куќи со кои ги организираат и промовираат редовните настапи.

Сево ова допринесува ваквата музика да биде се почеста појава, како на веб-сајтовите и апликациите за стримање музика, така и на се повеќе фестивали и настапи во живо.