Џиновска интерактивна коцка исполнета со пораки, графити и мозаици за делување против климатските промени и зачувување на планетата Земја вчера го привлече вниманието на студентите и минувачите на кампусот на техничките факултети при УКИМ.
Графитот, колажите и пораките беа исцртани од страна на педесетина млади активисти – средношколци, дел од младинските клубови за активизам при Младинскиот образовен форум (МОФ).
Милена и Ивана се две средношколки кои беа вклучени во акцијата за зголемување на еколошката свест, а за Радио МОФ велат дека и на двете највеќе им оставила впечаток пораката „Ти си рефлексија на животната средина“ излепена на огледало, односно на еден од интерактивните делови на еко-коцката.
„Преку работилниците за артивизам во МОФ, се договоривме сите заедно да дојдеме тука и да пренесеме пораки поврзани со екологијата. Екологијата е важна бидејќи влијае на животната средина, посебно ние каде што живееме – загадениот воздух и отпадоците. Мислам дека треба уште многу да се работи на екологијата тука, свеста не е доволно подигната кај повеќето луѓе, се уште е многу загадено и не се зборува доволно на оваа тема. Најбитната порака според мене е таа што ја залепивме на огледалото е дека ние сме рефлексијата на животната средина. Има уште многу, ама тоа е најбитната порака“, вели Милена.
Таа додаде дека е една од авторките зад графитот „Ако не сега, ако не ти, тогаш кога и кој?“ (If not now, if not you, then when and who), нацртан на коцката.
Ивана пак, посочува дека за неа екологијата е важна тема бидејќи влијае на начинот на нејзиниот живот, на луѓето околу неа и на начинот на кој сите живееме.
„Мислам дека проблемите со кои се соочуваме – како загаден воздух, диви депонии, ѓубрето околу мене, некако ми го ускратува тоа чувство на уживање – пример ѓубрето во парк или лошиот воздух кога ќе излезам навечер. Колку и да сме мали на оваа планета, не сме до толку мали за да направиме некаква промена. Ако јас денеска фрлам ѓубре, после мене некој ќе фрли исто“, истакнува таа.
Ивана ни откри дека за време на испишувањето на џиновската коцка, добивале и реакција од студентите, за кои вели дека подзастанувале да видат за што се работи.
„Сметам дека барем пет минути потоа размислиле за акцијата и пораката која сакаме да ја пратиме. И иако е нешто мало, дискусијата што се отворила меѓу нив и предизвикало тој еден пикавец да не се фрли на улица, туку во корпа, баш заради ова, направило промена“, смета активистката.
Христина Мирчевска, менаџерка за младинско учество при ЈАКО вели дека еко-акцијата претставува инсталација со четири интерактивни делови каде што младите правеле мозаик од рециклирана хартија и пластика и пишувале пораки за заштита на животната средина.
„Оваа акција ја правеа средношколци, а се приклучија и студенти што се на техничкиот кампус при УКИМ. Средношколците кои во иднина ќе дојдат да студираат тука, имаа можност и да прошетаат низ кампусот, да ги мапираат недостатоците низ факултетот – места за фрлање ѓубре, рециклирање, клупи, зеленило, вело-паркинзи, при што ќе се достави еден допис до самите деканати со некои нивни препораки и резултатите од мапирањето“, посочи Мирчевска.
Во рамки на официјалното започнување на Активноста, се одржа и дискусија за млади претприемачи, работилници за млади за кариерен развој и потпишување на меморандум со УКИМ за соработка и унапредување на универзитетскиот Центар за кариера.
„Активностите предвидени во потпишувањето на овој Меморандум во голема мерка ќе ги олеснат и забрзаат нашите напори да обезбедиме уште поквалитетни сервиси за нашите студенти од областа на кариерното водство и советување, со што УКИМ ќе постави пример за системско и структурирано кариерно водство за двоите студенти“, изјави актуелната ректорка Биљана Ангелова.
На настанот со кој официјално започна имплементацијата на Активноста, свои обраќања имаа Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Директорката на УСАИД за Европа и Азија, Ерин Е. МекКи.
„Младите се движечка сила во секое општество, вклучувајќи го и нашето и токму затоа иднината треба да ја градиме со нив, за нив. Знаеме дека не само иднината, туку и сегашноста зависи од младите, а пак успехот на младите зависи од можностите што ние ги обезбедуваме за нив“, посочи министерката.
МекКи истакна дека преку Активноста, ќе се работи со млади со цел да се осигури еднаков пристап до добро платени работни места преку негување на модерна современа сила во линија со потребите на пазарот.
„Кога младите ја имаат можноста за иновации, тие креираат просперитетни кариери кои го поддржуваат економскиот развој и стануваат активни граѓани во својата земја и стануваат лидери на иднината на С. Македонија за промена, трансформација, можности, просперитетност и обезбеденост низ целиот свет. Новите генерации ќе треба да се соочат со најстресните предизвици на нашето време, како климатските промени, европската интеграција и ефективна борба против корупцијата која ја еродира демократијата и одзема од вашата напорна работа и вашата иднина“, нагласи МекКи.
Активистичката акција беше дел од официјалниот почеток на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности (ЈАКО), која ќе трае пет години и ќе вклучи 10.000 млади, а ја спроведуваат УСАИД, МОФ и CEED Hub.
Ивана Смилевска