Џиновските панди повеќе не се класифицирани како загрозени, но сè уште се ранливи, соопштија кинеските власти.
Класификацијата е променета бидејќи бројот на пандите во дивината достигнал 1.800 единки, пренесе Би-Би-Си.
Според експертите Кина успеала да ги спаси овие специфични животни преку нивните долгогодишни напори за конзервација, меѓу кои биле и проширување на нивните живеалишта. Најголема заслуга за тоа имаат напорите за регенерирање на бамбусовите шуми, на кои отпаѓа 99% од исхраната на пандите без која не можат да преживеат.
Кина пандите ги смета за национално богатство, но исто така често ги позајмува на други држави како дипломатски гестови.
„Последната промена во квалификацијата ги отсликува подобрените услови за живот и напорите на Кина за зачувување на нивните живеалишта на интегриран начин“, вели Циу Шухонг, директорот на службата за конзервација на природата и екологијата.
Оваа вест доаѓа неколку години откако Меѓународната унија за конзервација на природата веќе го тргна животното од нивната листа на загрозени видови во 2016 година. Во тој период кинеските власти ја спореа одлуката тврдејќи дека тоа може погрешно да ги наведе луѓето да мислат дека конзерваторските практики можат да се опуштат.