„Џокерот“ со Жоакин Феникс победи на Филмскиот фестивал во Венеција

„Џокерот“, приказната за антихеројот на Готам Сити на режисерот Тод Филипс, го освои Златниот лав на 76-тиот Филмски фестивал во Венеција.

Филмот, во кој Жоакин Феникс ја толкува главната улога на човек кој сака да стане успешен стенд-ап комичар, доби одлични критики и експертите веќе прогнозираат дека „Џокерот“ може да биде прв филм за суперхероите кој ќе ја освои наградата Оскар за најдобар филм.

Претходните добитници на Златниот лав се филмовите „Рома“ и „Обликот на водата“, кои освоија Оскари последниве две години.

Веќе се шпекулира дека се преговара за продолжение на филмот, во кој Феникс би се соочил со Роберт Патинсон, кој е последниот актер избран да го игра Бетмен, главниот противник на Џокерот.

Како што наведува Гардијан, поголемо изненадување било доделување на наградата Сребрен лав, од жирито на Фестивалот, за „Офицер и шпион“ на контроверзниот режисер Роман Полански.

Лука Мартинели ја доби наградата за најдобар актер за „Мартин Идн“, додека Ариана Аскарид беше прогласена за најдобра актерка за француската драма „Глориа Мунди“.

Сите добитници на наградите на Филмскиот фестивал во Венеција може да ги погледнете на следниов ЛИНК.