Ѕвезди со името на лауреатите на Златна камера 300 ќе бидат откриени на Широк сокак

На годинашното јубилејно 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ по првпат на Широк сокак во Битола ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата Златна камера 300 која се доделува за животен опус.

Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски во видео интервју за МИА вели дека ѕвездите ќе започнат со тие на браќата Манаки, во чие име е направен фестивалот.

„Едниот има добиено почесна награда, годинава ќе му доделиме и на вториот постхумно. Ќе се обидеме да најдеме членови од семејствата кои се живи, разбрав каде може да има, ќе ги поканиме да дојдат, да им ја дадеме наградата за братот кој што никогаш не бил чествуван соодветно. Годинава на двајцата им ставаме посебни ѕвезди“, вели Дамевски.

Оваа своевидна „Патека на славните“ ќе почнува од пред киното Манаки и ќе оди кон Офицерскиот дом. Годинава ќе бидат откриени 18 ѕвезди.

Шестмина од досегашните лауреати  ќе присуствуваат на свеченоста на која секој ќе ја открие својата ѕвезда. Тоа ќе го направи и  годинашниот добитник на Златната Камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел, кој го потврдил своето присуство.

Ѕвездите се изработени од месинг со изгравирано име на кинематограферите лауреати и вградени во плоча од мермер, а дизајнерското решение е дело на компанијата „Божиновски“.

„Мојата крајна намера е овој фестивал не само да ја одбележува кинематографијата, туку да го сврти и веќе го врти окото на индустријата кон нас. На овој фестивал доаѓале наши медиуми, локални и регионални медиуми. Годинава, првпат ја имаме елитатата на филмската кинематограферска индустрија и светски најпознатите магазини посветени на филмската уметност. Ни доаѓа Бритиш синематографер, кое е едно од двете најголеми списанија, Американ синематографер, најголемото списание, доаѓа Синегрл, главното списание за жени во филмската индустрија, доаѓа Дефинишн магазин. Во моментов преговараме со Варајети кое е најголемото списание за филм во светот, кое досега најблиску во регионот било во Сараево и во Солун. Ни најавија дека ќе дојдат, и преговараме во моментов ако дојдат да има на една страница реклама за фестивалот ‘Браќа Манаки’“, истакнува Димевски во интервјуто.

Мотото на фестивалот годинава е „Еден е Манаки“ и се отвора на 21 септември со филмот „Партенобе“ на Паоло Сорентино. Филмот е сниман од Дарија Д Антонио, претседателка на жирито на „Манаки“ од пред две години. Во седумте фестивалски дена публиката ќе проследи 65 филмски остварувања. Фестивалот ќе се затвори со македонската премиера на филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оравчанец.