Македонското еколошко друштво, „Еко-Свест“ и Светскиот фонд за природа информираат дека во текот на март оваа година на страницата на ЕНЕР е објавено Известување за почеток на процесот за подготовка на Закон за дивечот и ловството, при што се покануваат засегнатите страни да се вклучат во постапката преку учество во работни групи и коментари по нацрт-законот.
Тие нагласуваат дека граѓанските организации поднеле барање до министерството за вклучување на свои
претставници во работната група за законот, но биле известени дека Министерството веќе оформило работна група во 2019 година и нивното вклучување нема да биде можно.
И покрај неможноста активно да се вклучат, граѓанските организации дале свои коментари по законот преку системот на ЕНЕР и со тоа демонстрирале конструктивност и желба за соработка. Воедно, граѓанските организации побарале и навремено да бидат информирани и поканети на јавната расправа за законот.
„Иако на страницата на ЕНЕР нема нови информации за законот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство всушност организира јавна расправа по законот на 12 јуни, денес, во просториите на Министерството. Објава за јавната расправа нема на ЕНЕР, на веб страницата на Министерството ниту пак на официјалните профили на оваа институција на социјалните мрежи“, велат организациите.
Оттаму нагласуваат дека оваа пракса е во комплетна спротивност со инклузивниот пристап и учеството на јавноста, како и со Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување на проценка на влијанието на регулативата.
Тие додаваат дека токму во членот 24 од Упатството, е наведено дека „во зависност од сложеноста на прашањата кои се уредуваат со предлогот на закон, од страна на министерствата се дефинира рокот за спроведување на јавниот увид, кој не треба да биде пократок од 15 денови, а јавната расправа се одржува по истекот на рокот за јавниот увид.
„Од страна на министерствата, најмалку пет дена пред одржување на јавната расправа, се доставуваат покани до засегнатите страни за учество во јавната расправа писмено и/или по електронска пошта и преку објавување на покана на ЕНЕР и на веб-страницата на министерството“, се вели во упатството.
Од МЕД, „Еко-свест“ и Светскиот фонд за природа истакнуваат дека е евидентни се прекршувања во постапката и роковите утврдени со Упатството бидејќи објава за јавната расправа нема на ниту една од посочените страници.
„Организирање на јавна расправа за време на викенди односно, неработни денови, е несоодветно кога е неопходно учество на бројни институции и установи со интерес во измените на овој закон, како националните паркови, другите заштитени подрачја, академската и стручна јавност и граѓанскиот сектор. Поради ова, реагираме и бараме Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да ја повтори постапката согласно утврдените прописи, со цел да обезбеди соодветно учество на јавноста во изготвувањето на Законот за дивечот и ловството“, велат оттаму.