ЕЦПР: Прилепско основно училиште дискриминирало ученици Роми, утврди КСЗД

Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) денеска соопшти дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, (КСЗД) издала мислење против основно училиште во Прилеп поради „индиректна, континуирана дискриминација што доведува до сегрегација“ на ученици Роми.

Мислењето издадено на 18 јануари, како што велат од центарот, е резултат на претставка која тие ја поднеле во септември минатата година, во име на родителите на засегнатите ученици Роми против основното општинско училиште „Добри Јовановски“.

„Учениците Роми имаат право да учат во интегрирана средина. Тие имаат право да следат настава во најблиското локално училиште без да им се наложи дека мора да одат во ‘ромско училиште’. Одговорност на локалните власти е да спречат појава на де факто сегрегација во општинските училишта. Тоа не го вели само нашата организација, туку и Европскиот суд за човекови права во своите пресуди, а сега и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, вели претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ.

Како што истакнуваат од ЕЦПР, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација издала неколку препораки до различни органи, со кои препорача на општинското основно училиште „Добри Јовановски“ да се воздржи од преземање дејствија кои би резултирале со сегрегација на учениците Роми кои се запишуваат во ова училиште, а општина Прилеп да преземе активности за доследно почитување на актите за реонизација, што за цел би имало десегрегација.

Останатите препораки, тие објаснуваат дека вклучуваат зголемување на бројот на педагошки асистенти во училиштата, поттикнување на соработката меѓу општинските власти и граѓанските организации и определување построги критериуми за запишување ученици во региони надвор од местото на живеење од Министерството за образование и наука.

„Посочените институции се должни да ги спроведат овие препораки во рок од шест месеци од добивањето на мислењето на Комисијата. Во спротивно, Комисијата (согласно член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација) ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци“, велат од ЕЦПР.