Еден месец гостиварци го блокираат пристапот до депонијата Русино – блокадата продолжена до 10 септември

Сè уште не е организиран состанок со градоначалниците на општините од каде се фрлаше смет на депонијата Русино во Гостивар. Поради тоа, блокадата до пристапот на депонијата која започна на 2 август, организирана од граѓанската иницијатива „Стоп Русино“, со цел затворање и дислоцирање на ѓубриштето, повторно е продолжена за дополнителни десет дена, односно, сè до 10 септември. Активистите велат дека би било добро доколку на овој состанок присуствуваат и Премиерот на државата, како и министерот за животна средина.

„Чекаме таков заеднички состанок, за формално да се заокружат, да се разгледаат барањата уште еднаш и да дојдеме до некаква заедничка спогодба. Треба да не повикаат од страна на Полошки плански регион, уште еднаш сите заедно на состанок, да ги поминеме барањата, да се постават рокови и тоа е тоа“, изјави за Радио МОФ, активистката Марија Спасовска.

Во меѓувреме, камионите на гостиварски Комуналец повторно добија пристап до депонијата, откако отпадот почнал да се затрупува.

„Сега во моментов, камионите од Гостивар смеат да поминуваат. Се израмни горе, сега останува, затоа што не треба само Гостивар да тапка, кога би се пуштила блокадата ќе требаат сите да учествуваат во тоа, бидејќи тој процес, нормално чини и дополнитени средства кои треба самите општини да си ги одвојат. Сега засега, нема блокада на Гостивар, заради тоа што од минатиот пат како што побаравме се израмни горе и очекуваме да остане така. Се надевам дека нема повторно да има чад и уште некои дополнителни ѓубришта, да се шири депонијата каде што не треба“, вели Спасовска.

Незадоволството поради горењето на депонијата, граѓаните го изразија на почетокот на месец јули испраќајки порака до институциите за изнаошање решение за проблемот. На 23 јули пак, стотици граѓани преку протестно дефиле со автомобили, велосипеди и моторцикли повторно го изразија незадоволството поради депонијата која гореше веќе наредниот ден, а за која активистите велат дека чадот од неа се гледа од градот Гостивар.

За горливиот проблем на гостиварци, претходно се одржа и двочасовна дебата организирана од Општина Гостивар.

М.К.