Романот „Единствен матичен број“ на писателката Лидија Димковска (1971), во издание на „Три“, е годинашниот добитник на наградата Роман на годината, која по јубилеен, 25 пат, ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.
„Со поседување на мошне развиено чувство за детаљ, со изострена перцепција за вкусот на времето, со умешност за каракетризација на ликовите, во рацете на Лидија Димковска општата идеја на откорнатоста и обездоменоста се материјализира во конкрет ни животни судбини кои ја носат во севе својата несомнена животна убедливост“, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито.
Романот е во издание на „ТРИ“, а жири-комисијата составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, за кој вели дека е трета среќа за наградата. Нејзиниот роман „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година, а во трка за наградата беше и со романот „Скриена камера“.
Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, меѓу кои двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“.
Инаку, покрај плакета и статуетка, Димковска ќе добие и парична награда од 150 илјади денари, кои ги доделува генералниот покровител Комерцијална банка АД Скопје.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.