Секоја една Биткоин трансакција користи количина на вода колку што е потребно да се наполни еден помал базен за пливање, покажа нова студија за најпопулараната криптовалута во светот.
Анализата проценува дека при „копањето“ на оваа криптовалута во 2021, процесот кој е потребен за создавање нови Биткоини, биле потрошени повеќе од 1.600 гигалитри вода на светско ниво, односно секоја Биткоин трансакција во просек користела по 16.000 литри вода.
Нивото на потрошувачка на вода за „копање“ Биткоини може да предизвика проблеми за водата за пиење доколку се продолжи да се работи без регулатива, особено во земји кои веќе имаат недостатоци на вода, како што е САД, се наведува во студијата која вчера беше објавена во списанието „Cell Reports Sustainability“.
„Копањето“ Биткоини бара огромна компјутерска моќ преку која се решаваат комплексни математички задачи на интернет. Точните одговори се наградуваат со дел од вредноста на криптовалутата.
Водата, која испарува, се користи за ладење на компјутерите во големите центри за податоци, а исто така и за намалување на температурите на термоцентралите на јаглен и гас кои исто така обезбедуваат струја за компјутерите преку кои се „копа“.
„По еден куќен базер оди во воздух, буквално испарува на секоја Биткоин трансакција“, објаснува Алекс Де Врис, автор на студијата и докторант на Слободниот универзитет во Амстердам, пренесува Еуроњуз.
Еколошките влијанија на „копањето“ Биткоини е нашироко документирано, а последните податоци од Универзитетот на Обединетите нации покажуваат дека потрошувачката на струја за криптовалути во 2020 била еднаква на потрошувачка на држава како Пакистан.
Со растот на цената на Биткоинот на преку 34.600 евра, што е раст од пет проценти во една недела, Де Врис вели дека може да се очекува потрошувачката на вода да се искачи на 2.300 гигалитри, што е дури 40% повеќе од 2021 година.
Анализата тврди дека ова може да биде проблем за земјите во Централна Азија, како што е Казахстан, кој важи за еден од центрите за „копање“ Биткоини, каде сувата клима врши притисок врз количините на питка вода.
Де Врис смета дека користењето на обновлива енергија, наместо струја, нема да биде решение за намалување на јаглеродниот отпечаток од Биткоинот.
„Дали навистина сакате да се троши соларна енергија или енергијата на ветерот на криптовалути? Во многу држави, меѓу кои и САД, количините на обновлива енергија е ограничена. Сигурно дека можеме дел од овие обновливи извори да ги пренасочиме кон криптовалутите, но тоа значи дека нешто друго ќе биде напојувано со фосилни горива“, вели тој.
Според него поважно е Биткоинот да ја промени својата технологија, во поеколошка варијанта, со што веднаш може да се поправи еколошката штета која ја нанесува. Во моментов Биткоин користи модел (Proof of Work) во кој за побрзо „копање“ потребни се мрежи на моќни компјутери кои работат истовремено и трошат многу струја. Сепак има можност ова да се промени во друг модел (Proof of Stake) кој би користел многу помалку енергија и во кој силата на машините за „копање“ не би правело никаква разлика.
Втората најголема криптовалута Етериум веќе премина на вториот поеколошки модел во 2022 година и понатаму останува многу популарна и денеска.