Со мирен собир во паркот со исечените дрвја спроти Бристол, Граѓанската иницијатива АМАН вечерва одбележа една година од своето формирање по кое следеа низа протести за намалување на цените на струјата и парното.
„Народот после една година разбра дека мора да излезе сам и да си ги бара правата, да се освести и да стане свесен дека ништо не е залудно“, вели Зорица Димитрова, активист на АМАН, една година од почетокот на овие протести, пренесе А1он.
Со протестот кој започна како последица на поскапувањето на струјата и одлуката сметки за парно да плаќаат и тие што не го користат, граѓаните побараа од институциите да ги прифатат нивните барања односно да се врати дневната ефтина тарифа и да се укинат сметките за парно кај исклучените од мрежата. На петицијата која ја организираше Граѓанската иницијатива беа собрани 13 169 потписи. Иницијаторите на промените влегоа во Собрание, но пратениците не го поддржаа нивното барање.
„Сепак покажавме дека има граѓани кои што се борат за своите права“, истакна за А1он Александар Гочев, активист на АМАН, велејќи дека иако власта немала слух за нивните барања, собраните потписи покажуваат колку таа им мисли добро на граѓаните и колку истата е влада за народот.
Гочев потенцираше дека протестите денеска се одржуваат пред паркот кај хотелот Бристол заради уништувањето на истиот од страна на полицијата, додавајќи дека власта со тоа што насилно ги исфрли луѓето кои го бранеа овој парк им го скратува и правото на протест.
„Дојдовме да им дадеме поддршка, да им кажеме дека фронтот се шири, како и дека се повеќе граѓани ќе успеат да се соберат и да се изборат за своите права“, изјави тој.
Движењето верува дека АМАН придонесе за формирање на нова свест кај граѓаните и има во план да ја прошири својата акција.
„Кога ќе се добие на масовност тогаш ќе имаме и конкретни резултати на институционален план“, порача активистот Петрит Сарачини.