УНИЦЕФ и партнерите одбележаа една година од Eдуинo – дигиталниот веб-портал за образование, соработка и професионален развој кој започна со работа во март 2020 година како одговор на потребата од дигитални образовни ресурси за да продолжи наставата и учењето на далечина во услови на пандемија.
По затворањето на училиштата за повеќето ученици во Северна Македонија, Едуино понуди значајни ресурси што ги подготвија наставниците од целата земја, дигитални содржини за наставниците и учениците, но и образовни алатки и над 400 игри за родителите на деца на предучилишна возраст за да го поттикнат развојот на своите деца дома.
„Денес, благодарение на илјадници наставници кои несебично вложија време и знаење, Едуино разви дигитална библиотека со над 3.700 видеолекции. Сите видеолекции се со содржини кои се во согласност со наставните програми за предучилишно, основно и средно образование и се одобрени од Бирото за развој на образование. Оваа библиотека е од трајна вредност за нашиот образовен систем и користењето на овие ресурси може да продолжи и во услови на редовна настава со физичко присуство,“ рече на настанот министерката за образование и наука, Мила Царовска.
“Низ процесот на создавање на Едуино, покрај креираните дигитални ресурси и алатки, се разви и заедница на едукатори за сосоздавање и иновација во образованието. Сите материјали што се креираат поминуваат низ систем за верификација и одобрување, со што се обезбедува квалитет на содржините што Едуино ги нуди, како и нивна компатибилност со наставниот план и програма“, рече Зекирија Хасипи, в.д. директор на Бирото за развој на образованието.
На средбата, учесниците им оддадоа признание на заедничките постигнувања на заедницата Едуино и разговараа за наодите од сеопфатното истражување за искуствата од учење на далечина, спроведено со поддршка на УНИЦЕФ, а во соработка со Министерството за образование и наука и со Реактор-истражување во акција. Истражувањето се одвиваше во две фази, во текот на учебната 2019/2020 и учебната 2020/2021 година.
Според повеќе од 16.000 испитаници, директори на училишта, наставници, родители и ученици, над половина од целиот наставнички кадар редовно ги користел образовните дигитални ресурси на порталот Едуино.
Ако се споредат наодите од истражувањето во првата фаза што ја опфаќаат учебната 2019/2020 година со наодите од учебната 2020/2021 година, очигледно е дека и наставниците и учениците се подобро прилагодени на користење дигитални алатки за учење и комуникација на далечина. Но, истражувањето покажува и дека со префрлањето кон виртуелна настава, училиштата, учениците и наставниците се соочија со нови тешкотии и предизвици.
„Со задоволство можам да ја констатирам неверојатно брзата адаптација на образовниот систем кон учење на далечина и огромниот напор за воспоставување на Националната платформа за настава од далечина и порталот Едуино. Едуино дојде во време кога беше најпотребно. Иако ги потврдуваме одличните резултати постигнати за една година, треба да се потсетиме и дека за повеќето деца училиштата останаа и натаму затворени. Треба да продолжиме да работиме за сите деца да може безбедно да се вратат на настава во училиште. Мора да обезбедиме повеќе од само место за учење предмети, мора да обезбедиме место за игра, дружење и развивање вештини за 21-иот век.“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ“
И пред КОВИД-19, образовната криза опстојуваше во земјата, а затворањето на училиштата го влоши проблемот. Најранливите деца заостануваат зад своите врсници, а многумина од нив се во ризик целосно да го напуштат училиштето. Истражувањата покажуваат дека дигиталниот јаз ја одржува нееднаквоста, а образованието за оние без пристап до интернет е вон дофат.
Во рамките на тековната образовна реформа во земјата, се предлагаат решенија како што се подолг престој/часови на училиште, поголема автономија на училиштата, учење на повисоко ниво, а и повеќе изборни предмети и воннаставни активности.
Ваквите цели произлегуваат од наодите во прегледот на ОЕЦД, а со нив може да се поддржат подобри наставни резултати кај децата и да се создадат диференцирани патеки на учење врз основа на нивните интереси и способности.
Едуино порталот сега има заедница од 22.700 корисници кои добиваат неделни новости за вебинари и отворени ресурси. Над 6.000 родители, воспитувачи, наставници и други образовни професионалци придонесуваат за збогатување на ресурсите и за динамична заедница.
Како дел од Програмата за социјална кохезија и културен дијалог Основи за иднина финансиски поддржана од Владата на Обединето Кралство преку Британската амбасада во Скопје, иницијативата Едуино ја спроведува УНИЦЕФ во партнерство со Министерството за образование и наука и со Министерството за труд и социјална политика, а ја раководи Бирото за развој на орбазованието и СмартАп – Лабораторија за социјални иновации.