Една година нова Концепција во образованието: Учениците покритички размислуваат, но недостасува опрема

Во прво и во четврто одделение сѐ уште има недоволно опремени училници со потребната опрема, средства и материјали за соодветна реализација на новите наставни програми, согласно новата Концепција за основно образование. Oд друга страна, задачите кои ги даваат наставниците, најчесто за учениците се предизвик, со што го поттикнуваат критичкото размислување и анализа на дадени ситуации, објави агенцијата Мета.

Ова го согледале советниците од Бирото за развој на образованието (БРО), кои во изминатите месеци присуствуваа на часови кај ученици во прво и во четврто одделение, каде што годинава за прв пат се учеше по нови наставни програми. Откако ја реализирале советодавната стручна поддршка на наставниците, тие дале заклучоци и препораки кои училиштата ќе треба да ги следат, за да се подобри наставата.

Како што за Мета.мк информираат во БРО, советодавните стручни посети опфатиле 174 основни училишта во рурални и урбани средини, а примерокот на наставници го сочинуваат 653 одделенски наставници кои ја реализираат наставата со ученици од прво и четврто одделение.

Во однос на опременоста на училницата со потребната опрема за реализација на наставните програми во прво одделение, две третини од училниците се целосно опремени, а една третина делумно се опремени со соодветна опрема за реализација на наставните програми.

„Во делумно опремените училници во прво одделение најчесто има само компјутер, во четврто одделение само компјутер или компјутер и ЛЦД проектор во комбинација со само неколку таблети. Училиштата и општините (во чија надлежност се основните училишта) треба да ја разгледаат можноста за дополнително уредување и опремување со опрема и средства потребни за наставата“, истакнуваат советниците.

Во училниците каде што е констатирана делумна опременост со средства и таму каде што нема, најчесто наставниците сами се снаоѓаат со потребните средства за реализација на планираната содржина и постигнување на стандардите.

„Речиси половина од посетените наставници не планираат или делумно планираат меѓупредметната интеграција во рамките на неделното планирање. Дел од наставниците во неделното планирање ги планираат само наставните предмети кои ќе ги интегрираат, но не ги планираат поимите/активностите/стандардите преку кои ќе се прави интеграцијата, додека пак други наставници во неделното планирање воопшто не планираат меѓупредметна интеграција, а во голем дел од часовите интегрираат содржини преку активности со учениците“, заклучуваат советниците.

Исто така, нотирано е дека е застапено наставничкото раководење и создавање на стимулативна средина со давање на интересни примери и поврзување со искуственото учење.

„Наставниците поставуваат добро осмислени прашања кои ги поттикнуваат учениците активно да учествуваат на часот, користат интерактивни пристапи за работа со помош на кои поттикнуваат соодветно учество на учениците за време на часот, даваат упатства кои се јасни и доволно разбирливи за возраста на учениците. Задачите кои ги даваа наставниците најчесто за учениците претставуваа предизвик, поттикнувајќи го критичкото размислување, анализа на дадени ситуации и примена“, заклучуваат советниците.

Советниците во Бирото даваат неколку препораки за да се подобри состојбата и квалитетот на наставата, а една од нив е училиштата да ја разгледаат можноста за дополнително уредување и опремување со опрема и средства потребни за наставата.

„Наставата треба да ја приспособуваат на можностите и карактеристиките на учениците, односно да применуваат диференциран и индивидуализиран пристап во работењето. Часот да се базира на дискусии, работа во групи, истражувања, играње улоги и друго, согласно дадените насоки на обуките реализирани од страна на Бирото за развој на образованието и насоките дадени на стручно – советодавните посети. За учениците од четврто одделение неопходно е да се обезбедат и материјали за учење и во хартиена форма“, нагласуваат советниците.

Она што недостасува е и зајакната соработка на училиштата со родителите на учениците преку редовно известување на родителите за постигањата на нивните деца базирани на докази.

„Наставниците да ги почитуваат принципите кои се основа за воведувањето на слободните изборни предмети, а тоа значи да ги поттикнуваат и почитуваат интересите и афинитетите на учениците за да можат да го направат најсоодветниот избор“, велат во Бирото.

Мета