Претставници на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски денеска во 12.05 часот положија цвеќе на плоштадот „Карпошово востание“, во близина на Музејот на македонската борба за државност и самостојност.
На тој начин новинарите го одбележаа настанот на кој минатата година, за првпат во независна Македонија, од кордон специјални полициски сили беше забрането движењето на новинарите кон зградата на музејот.
Со силна полициска блокада на 23 октомври 2013 новинарите беа спречени со мирен протест да го изразат револтот поради изречената казна од 4,5 години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
Според новинарите, употребата на силни полициски сили за да се скрши уставно загарантираната слобода на јавен собир и слободата на изразување претставува еден од најсрамотните настани во историјата на Македонија.
Полицијата пред точно една година ги туркаше новинарите на протестот за пресудата на новинарот Томислав Кежаровски и не им дозволи да протестираат пред Музејот на ВМРО за драконската затворска казна за новинарот Кежаровски.