Според младите на „Една може“, Здружението за еднородителски семејни заедници, повеќе од 300 студенти од самохрани и еднородителски семејства сѐ уште немаат законска основа за олеснување на студентскиот живот преку пониска студентска партиципација.
Оттаму посочуваат дека од 12 октомври до денес, се пријавиле над 300 студенти коишто студираат на еден од државните Универзитети во земјава.
„Од нив, 289 студенти потекнуваат од самохрани семејства, додека пак 20 студенти од разведени семејства или невенчани партнери, кои за жал не се видливи пред институциите. Според анализата, за студенти од самохрани семејства, 208 студенти има на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, 49, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, додека пак Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола брои 31 студент“, посочуваат од Здружението.
Младите на „Една може“ велат дека веќе две години работат на унапредување на правата на младите од самохрани семејства, а дополнуваат дека и по неколку апели до надлежните институции, се’ уште изостанува законската основа за пониска партиципација за студирање на државните Универзитети.
„Во соработка со Здружението на Млади правници, составиме уредба со која јасно и точно се бара во новиот Закон за Високо Образование, во делот на ослободени студенти од партиципација, покрај наведените категории, да се вметнат и студентите од самохрани семејства. Уредба која првично беше доставена до Советот за Високо Образование и научно-истражувачка дејност, кој одлучува за овие околности и според истиот Совет, добивме нејасен негативен одговор на нашето барање“, велат тие.
Понатаму, младите од Здружението истакнуваат дека иницијативата повторно е доставена до Влада на Република Северна Македонија, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, како и Министерство за правда, но истакнуваат дека досега не добиле официјални одговори.