Една петтина од израелското население живее под прагот на сиромаштија

Петтина од населението на Израел живее под прагот на сиромаштија, соопшти Националниот институт за осигурување (НИИ),пишува „Анадолу“.

Годишниот извештај на институтот покажа дека 1,98 милиони луѓе живеат под прагот на сиромаштија, вклучувајќи 872.400 деца и 158.500 постари граѓани.

Оваа бројка претставува 20,7 отсто од населението на Израел од 9,7 милиони. Според извештајот, 27,9 отсто од децата и 12,8 отсто од постарите граѓани живеат под прагот на сиромаштија.

Како што се наведува, стапката на сиромаштија е речиси иста како и во претходните две години со благо намалување во однос на минатата година.

Во извештајот се наведува дека жителите на северен и јужен Израел и областа Ал Кудс/Ерусалим се меѓу најсиромашните во земјата.

Израелската хуманитарна организација Латет во понеделникот објави дека повеќе од четвртина од израелското население живее под прагот на сиромаштија.