„Еднаква“ смета дека дискредитација на новинарката Здравковска е форма на притисок врз слободата на медиумите

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ при Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници (ССНМ) ги осудува обидите за дискредитација на работата на колешката-дописник на „Сакам да кажам“ од Битола, Жанета Здравковска.

„Локални функционери преку објави на социјалните мрежи го означија како ‘лажна вест’ текстот на колешката насловен како: ‘Загубарот Битолски комуналец склучи договор за набавка на кучешка храна од 57.000 евра за една година’. Со тоа тие се обидуваат да извршат притисок врз колешката Здравковска и да го нападнат нејзиниот новинарски интегритет, но и да го нарушат кредибилитетот на медиумот за кој пишува“, забележуваат од мрежата.

„Еднаква“ апелира и ги предупредува локалните функционери дека не е нивна работа да изнесуваат квалификации дали одредена новинарска содржина е вистинита, и дека тоа претставува директен притисок врз слободата на медиумите.