Едно злато, две бронзи и три пофалници за Македонија на Интернационалната математичка олимпијада

Светскиот математички натпревар, 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), годинава се одржува во Бат, Велика Британија, во периодот 11-22 јули, каде македонската екипа се закити со еден златен медал, два бронзени медала и три пофалници.

Сојузот на математичари на Македонија (СММ) информира дека на Олимпијадата се натпреварувале вкупно 609 млади умови од целиот свет во текот на два натпреварувачки денови, а СММ претходно организирал четири неделни подготовки на кои македонските репрезентативци разработувале напредни теми и техники за решавање на проблеми од областите: алгебра, комбинаторика, теорија на броеви и геометрија.

„Веруваме дека ваквиот сериозен пристап повторно им помогна на македонските репрезентативци за уште еден одличен резултат. Ова е исклучителен успех за нашата земја, која во конкуренција на 109 држави екипно се пласира на 28. место според освоени одличја, односно на 46. место според освоени поени“, соопштуваат од Сојузот.

На овој светски мегдан за извонредност во математиката Дамјан Давков освои  златен медал и 31 поен, Леонид Тодороски и Алексиј Тасиќ – бронзени медали со 21 и 16 поени, додека Бранко Јангеловски, Ивано Божиновски и Никола Цветаноски добија пофалници, односно 14, 13 и 12 поени.

Од Сојузот потенцираат дека ова е само второ македонско злато на ИМО во  досегашните 32 учества на Македонија како независна држава. Штипјанецот Дамјан Давков, со освоениот златен медал, втора година по ред се вбројува во светската математичка елита.

„Ова 16-годишно момче е несомнено најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните пет учества има освоено два златни медала, два сребрени медала и една пофалница – и цврсто чекори кон тоа да постане еден од најуспешните олимпијци во историјата на ова престижно светско натпреварување. Најискрени честитки за целата македонска екипа на ИМО 2024. Успехот на овие шест златни деца е успех за целата татковина. Им посакуваме уште многу идни академски достигнувања. Тие ги имаат потенцијалот, желбата и амбицијата во изобилство“, велат од Сојузот на математичари на Македонија.

Фото: СММ