По повод 10 години создавање во полето на видеоуметноста на македонската уметница Тања Балаќ, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекција на 10 нејзини видео-уметнички дела.
„Станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 наваму. Имено, кон крајот на првата деценија на 21 век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе почнува да се интересира и за видеоуметноста. Овие дела ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Но секогаш во фокусот на нејзината сфера на интерес како уметник е – човекот, кој и` е бескрајна инспирација“, се вели во најавата од Кинотеката.
Проекцијата ќе се одржи во петок (19 септември) во 20 часот.
Почетоците во видеото како медиум Балаќ ги прави со видеоинсталациите „Граѓани 1“ (2014 г.) и „Граѓани 2“ (2015 г.) Првата, во времетрање од 4,5 минути, дава поглед на општествено- ангажираната уметност во јавниот простор и го отвора и прашањето дали екранот како симбол на потрошувачкото општество и ширење на маркетиншки пораки може воедно да биде и средство за уметничко изразување.
Наредната година го создава видеото „Без приватност“ (2016 г.), кое е експериментално видео и обид да се допре една тема која нè засега сите, а која укажува на комплицираноста да се мапира просторот на новонастанатата интернет дистопија и прашањето за недостиг на приватност. Веднаш потоа и „Раѓањето на нацијата“ ( 2016 г.), кое директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација.
Видеото „Црвена земја“ (2017 г.) има минималистички пристап како свесен избор, чија идеја е да го поттикне размислувањето кај публиката, не само за рефлексијата на светот што нѐ опкружува самите, туку и за саморефлексијата на сопствената позиција во него.
Следува „Извртена перцепција“ (Perceptio Inversa) (2018 г.), кое може да се поврзе со почетоците на големата бегалска криза, по што го создава видеото „Меморабилија“ (2019 г.), кое ја доби наградата за најдобро експериментално дело истата година од „Вест Вирџинија маунтениер фестивал“, фестивал за краток филм во САД, беше селектирано за учество уште на два големи фестивали, на Фирентинското биенале и на фестивал во Јужна Кореја.
Веќе наредата година се појавува филмот „Заглавени заедно“ (2020 г.), кој е селектиран на португалскиот филмски фестивал „Анархи филм фестивал“ што ги обединува најдобрите филмови создадени од таленти низ целиот свет и ги прикажува пред меѓународната публика.
Видеото „Следната генерација“ (2022 г.) пунктуира со корпоралноста на содржината, а нејзината материјална природа е токму во антрополошкото одредиште на она што значи елемент на социјалното ткиво, самата едукација како систем на вредности и систем на разлики (Натали Р.Павлеска).
Видеоинсталација „Вкрстени зн
Филмот „Луцидни соништа“ (2024 г.), кој е со најнов датум, претставува заокружување или свовиден сублимат на целокупната ангажираност на уметницата во сферата на видео-уметноста и нејзината активна улога во истражувањето на полето на новите медиуми (инсталации, експериментални, документарни филмови, видеоарт…)
Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка.
Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Остварила повеќе самостојни изложби: Минатата година изложбата „Раселени“ беше претставена во Советот на Европа во Стразбур, „Просторни дистанци“ во 2020 г. во Галеријата на македонската амбасада во Виена, „Невидлива изложеност“ во галерија „Прогрес“ во Белград во 2019 г., „1800К“ со Омер Калеши во Галерија на македонската амбасада во Париз во 2017 година.