Едногодишно девојче од Шпанија е првиот човек во светот со успешно трансплантирано црево од донатор кој починал од срцеви заболувања, јавува новинската агенција „Ројтерс“.
„Детето е сега отпуштено од болница и е во одлична состојба дома, со своите родители“ изјавиле од болницата во Мадрид каде е извршена трансплантацијата.
Новороденчето Ема, според изјавата на лекарите била дијагностицирана со интестинална инсуфициенција еден месец по раѓањето. Односно, нејзините црева биле пократки отколку што треба и поради, тоа нејзиното здравје брзо се влошувало.
Ема добила мултивисцеларна трансплантација, односно покрај црево, трансплантирани ѝ биле и нов црн дроб, желудник, слезина и панкреас.
Органите на донаторот којшто починал биле вештачки зачувани и покрај недостатокот на оксигенирана крв што настанал откако неговото срце престанало да чука. Истите се зачувани преку вештачкиот систем познат и како Екстракорполарна мембрана оксигенација.
Тоа што го прави посебен случајот на Ема е токму зачувувањето на црвата што е дополнителна потешкотија кога се работи за органи од донатор со ненадеен прекин на срцето токму поради специфичните карактеристики на органите за варење.
Повеќето трансплантации досега се извршени со органи од донатори кои претрпеле мозочна смрт, но кај кои е задржано отчукувањето на срцето бидејќи тоа ги одржува другите органи непроменети.
„Сепак по развојот на модерната асистолија (кога се трансплантираат органи по смрт настаната од прекин на работата на срцето), оваа техника стана многу популарна и речиси третина од донациите во Шпанија се извршуваат на овој начин“, изјавиле од болницата.
Шпанија е глобален лидер во трансплантацијата на органи со повеќе од 102 извршени трансплантации на милион жители во 2021 година – статистика што според шпанското министерство за здравство е надмината само во САД.