Во понеделник (22 април) ќе се одржат повеќе активности во Зоолошката градина во Скопје со кои ќе се одбележи Денот на планетата Земја.
Во 10:15 часот, ќе има краток екочас во Едукативниот центар на зоолошката на тема „Вредноста на дивите видови“, што ќе го одржат претставници од Министерството.
„Одржувањето на екочасот е во контект на основната порака на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC), според која едукацијата за влијанието на климатските промени, преземањето акција и заедничкото дејствување за заштита на биодиверзитетот, како и одржливиот развој, го подобруваат здравјето и благосостојбата на целата заедница“, се наведува во соопштението.
Во рамки на активностите предвидено е и хортикултурно уредување на катче од Зоолошката градина со садење садници од страна на ученици од скопската гимназија „Орце Николов“ и штитеници од Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“.
Настанот е подржан од ЈП „Паркови и зеленило – Флораком“, Зоолошката градина од Скопје и од организацијата Cities for Forests, која на глобално ниво дејствува на подигање на свеста за значењето на шумите.
Тема на овогодишното меѓународно одбележување на Денот на планетата Земја е „Заштитете ги нашите видови“ (Protect Our Species) и има за цел да едуцира и да ја подигне свеста за брзото намалување на популацијата на растенија и диви животни предизвикано од човечки активности.