Демонстрирање соработка и дијалог меѓу политичките партии за прашањата важни за младите беше целта на јавната дебата меѓу политичките подмладоци која вчера ја организираше Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).
На дебатата своите аргументи ги соочија Сајмира Салиу од Форумот на млади на Алијанса за Албанците, Семир Пајазити од Форумот на млади на Движење БЕСА, Филип Ивановски од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Енес Лимани од Форумот на млади на ДУИ, Теодора Димитровска од ЛИДЕМ и Наталија Спировска од СДММ.
Дебатата беше посветена на економијата, надворешната политика и младинските прашања. Од младинските прашања, во центарот на дискусијата беа ефектите од пандемијата врз младите и недостатокот на младински центри во земјата. Подмладоците дискутираа како да се намали невработеноста и да се подобрат условите за живот на младите во земјата. Меѓу дел од мерките околу кои подмладоците се согласуваат се воведување на даночни олеснувања и ослободувања за младите. Учесниците дискутираа и како да се подобри застапеноста на младите кандидати на партиските кандидатски листи, посочуваат од ВФД.
„Културата на дијалог и отворена дискусија базирана на аргументи е во срцето на секое демократско општество. Само преку размена на спротивставени аргументи може да ги согледаме слабостите на нашите ставови и политики и да работиме да ги подобриме во интерес на граѓаните кои ги застапуваме“, изјави Дамир Незири, претставник во земјата за ВФД.
„Политичките партии имаат слични идеи за како да ги подобрат идеите за младите луѓе. Ова покажува дека постои вистински потенцијал за соработка, консензус и над-партиски дијалог. Младите лидери треба да целат да остават свој белег на политиката, преку тоа што ќе бидат пример за посветеност, вклученост и дијалог. Се надевам дека почесто ќе гледаме квалитетна дебата како оваа, на телевизиите, во политичките партии, општинските совети, парламентот и институциите“, порача британската амбасадорка Рејчел Галовеј.
Од ВФД Дебатерите на настанот покажаа дека во подмладоците на политичките партии постојат капацитети за квалитетна и аргументирана дискусија, преку која може да се постави пример за политичка конструктивност. На настанот беа доделени сертификати на првата генерација учесници на Академијата за политичка дебата. Академијата е организирана од ВФД во рамки на Иницијативата за демократија на Западен Балкан поддржана од Британската влада.