Самостојната изложба на дигитални слики, „Effortless“ (Природно) на уметницата Јана Луловска ќе се отвори во четврток (28 ноември) во 19 часот во Кинотеката на Северна Македонија. Станува збор за, како што се вели во најавата, „дигитални слики кои постојат во еден простор во којшто флуидноста и течението не се само естетски квалитети, туку се најважни за самата природа на уметничкото дело“.
„Во ‘Effortless’ Луловска употребува дигитални алатки за да ги надмине традиционалните ограничувања, создавајќи при тоа еден флуиден, неограничен визуелен простор каде уметноста не е прицврстена во рамките на својот медиум. Во светот со брзо темпо, нејзините дела го повикуваат гледачот да ја доживее флуидноста на самиот дигитален медиум, нудејќи еден миг на спокојство, рефлексија и размислување. Изложбата ‘Effortless’ е инспирирана од движењето Флуксус, и со една убавина и грациозност го втемелува природниот тек на настаните и нашите одлуки и избори, трансформирајќи ги секојдневните предизвици во спокојни и трансцедентни мигови на едноставност“, пишува кураторот Лазе Трипков.
Делата, додава тој, служат за потсетник дека и покрај предизвиците во секојдневниот живот, постои убавина која може да се најде во течението, во флуидноста, во природните транзиции кои го дефинираат нашето постоење.
„Верувам во едукативната, стимулативна и трансформативна моќ на уметноста, која инспирира свесност, исцелување, емпатија и разбирање. Мојата инспирација доаѓа од мојата длабока љубов за разбирање на човештвото и природата, барајќи ја убавината насекаде и прашувајќи се за сè. Со уникатен уметнички глас, разиграно и евокативно истражување на палетата на бои на планетата Земја, се стремам да го инспирирам човештвото преку инвентивна и експериментална уметност“, вели уметницата.
Јана Луловска е интердисциплинарен уметник од „средната“ генерација, чијашто работа опфаќа фотографија, сликарство, графика и инсталација, а навлегува и во експериментален филм, видео уметност, анимација и дизајн. Дипломирала на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крастио Сарафов“, Софија, Бугарија. Луловска е член на Друштво на ликовни уметници на Северна Македонија. Таа бележи исклучително обемно и богато искуство на изложби, како во Северна Македонија, така и во САД и Европа, а нејзините дела се дел од бројни колекции и меѓународни публикации.
Изложбата биде отворена за јавноста 8 декември 2024 година.