Визуелен коментар посветен на современaта перцепција и дискурс, претставува изложбата „Ефлувиум“ , која на 16 декември ќе се отвори во Младинскиот културен центар.
Уметникот Срѓан Миќиќ вели дека „Ефлувиум“ во слободен превод значи смрдлива, отровна реа што испарува и се шири, болест.
„Култура на конзуматорство и неумерна експлоатација. Промени без основа за прогрес. Механичко повторување шаблони. Трка за пари, моќ, влијание… Болест на современиот ритам и генерациска незрелост. Незаинтересираност и пасивно набљудување од далечина. Криење зад вековни догми и мантрање без смисла. Обожување на златното теле и величење на виртуелни идоли. Незаинтересираност, комформизам, технократија и виртуелна реалност“, се вели во соопштението.
Со почеток во 20 часот, во Галеријата на МКЦ ќе бидат претставени неколку дела – „Хелекс“, „Тера“ и „Некрополис“.
„Хелекс“ – идолот на рамнодушието и материјалноста. Хелекс е глава на идол чии црти се сублимирани во една отворена дупка на средината каде што треба да е лицето. Идолот е поставен над кровот на висока зграда и претставува доминанта во околината.
„Тера“ – персонификација на природата преку дрвено женско торзо поставено на столб.
„Некрополис“ – споменик на општество што го достигнало крајот на својот циклус. Во сеќавање на изгубениот град. Картонски релјефи од рециклирана хартија. Материјал за една употреба и намена да го заштити техно-товарот во кутиите за складирање. Откако ќе ја исполнат својата цел, картонските релјефи од рециклирана хартија завршуваат во отпад. Или на повторно рециклирање. Картонската кутија за складирање, од друга страна, и натаму служи како кутија за складирање помал отпад.
Срѓан Миќиќ e роден 1980 година, во Скопје. Завршил во средното училиште „Лазар Личеновски“ во Скопје, специјалност – Графика и графички дизајн. Од 1999 до 2002 учеч на Белоруската академија на уметностите, Минск, специјалност – графика, а потоа ја посетувал Националната уметничка академија во Софија, специјалност – графика. Од 2005 до 2007 ги извршувал своите магистерски студии на Национална уметничка академија, Софија, специјалност – сликарство. Учествувал на десет самостојни изложби и учество на повеќе групни изложби во земјава и надвор од неа. Од 2011 до денес е професор на Меѓународниот балкански универзитет.