Студенти…студентски живот…за некого интересен и забавен, а за некого тежок и макотрпен. Но тоа е, нема што да се прави, мора некако да се проживеат тие 3, 4 или повеќе години. Всушност и не би бил интересен животот доколку не би одбрале студентски живот. Тоа е едно искуство повеќе. Предавања во раните утрински часови, непроспани ноќи, студентски забави, дружења со колеги, ширење нови познанства, долги часови поминати над книга, доцнење на предавања, недоаѓање на факултет, заморни и досадни чекања да се дојде на ред во студентски прашања за да се заврши работа за само 5 минути, пишување семинарски, седење во бифе за време на паузите, па дури и за време на досадните предавања, сурфање на интернет во интернет центарот, поминување на дел од времето во читална…. кој е студент многу добро знае што значи се ова и уште многу повеќе затоа што го искусил на сопствената кожа. Но и покрај се, сепак е интересно, еден ден ќе има што да се раскажува.
Секој студент има своја приказна, без оглед дали е студент на приватен или државен факултет, на секому му се случува барем нешто интересно во текот на неговото студирање. Обично се повторуваат истите приказни со години, само што секоја генерација ги доживува на свој начин и во свое време. Нема конкретно да раскажам некоја студентска случка што ми се случила, која сигурно им се случила на многумина, па затоа ќе пишувам општо за повеќето случки што се случувале, се случуваат, а и ќе се случуваат и понатака, па така ќе може секој еден студент да препознае барем дел од случките што му се случиле. Секој студент искусил како е да полагаш, да имаш трема на полагање, да имаш многу добро научено и да си добиеш добра оценка, или пак да имаш научено, а сепак да не положиш, да немаш воопшто научено и дa поминеш или да немаш научено и да паднеш, да имаш барем малку поим од материјалот и со малку среќа од Господ или пак мала помош од некој колега да се извлечиш, радувања на положените испити, а нервози и солзи на паднатите испити, многу непроспани ноќи, главоболки, големи подочници…. Нормално е студент и да полага и да паѓа на испити, па дури и да изгуби година.
Како викаат постарите што веќе го поминале тој пат, студентскиот живот е “падни-стани”. Секогаш пред да одам на полагање моите ми велат: “Што и да направиш не се секирај, здравје, не е студент ако не падне и не изгуби година” Можеби истите приказни се повторуваат секоја година, но едно е важно, а тоа е дека времињата се менуваат. И порано, а и денес некои студенти се мачат и заслужено го добиваат тоа што го имаат затоа што си имаат зацртано цел во животот, но има и такви студенти што се запишале на факултет не по своја желба и ги мрзи да учат, па го бираат полесниот пат за да поминат. На крај голем процент од запишаните студенти го завршуваат факултетот, некои редовно, некои со закаснување, но сепак завршуваат. Денес студентите полесно дипломираат за разлика од генерациите од пред 30-40 години и повеќе, самото тоа може да се забележи кога ќе се спореди некое сегашно табло со апсолвенти со некое од пред 30 години, разликата е доста воочлива. Но тоа е така со оглед на тоа што како што поминуваат годините, така и студиските програми се менуваат и се воведуваат реформи. Денес има многу поголем процент на образовен кадар за разлика од порано, но дали и поквалитетен? Во денешно време на пазарот на труд има пренатрупаност на кадри од некои професии, но исто така има и дефицит од други. Но затоа за да се успее денес, не е потребна само дипломата, туку знаењето.
Може да се каже дека студирањето има и позитивни и негативни страни. Кај некои позитивните доминираат повеќе, а кај други негативните. Но како и да е вреди да се искуси и проживее студентскиот живот и да се осети на своја кожа, за да може потоа да се раскажува од лично искуство, а не да се прераскажуваат туѓите приказни и сеќавања. За крај имам една порака и совет до сите студенти, сегашни и идни, а тоа е дека иако некогаш изгледа мачно и недостижно, сепак ако се сака може да се постигне зацртаната цел која го отваара патот во непознатата иднина. Вложениот труд секогаш се исплаќа, а повратниот резултат е во согласност со она што си го вложил. Не мора 24/7 да се седи со книгата в раце и најубавиот дел од животот да помине читајќи докторски дисертации, сепак треба малку и да се живее. За се има време ако правилно се распореди, само треба да се биде трпелив и храбар, а храбрите ги прати среќата.
Гавриловска Васка