Судот во Каиро осуди тројца египетски активисти на неколку години затвор, вклучително и истакнат учесник на протестите од 2011 година и покрај меѓународниот притисок и напорите на земјата за подобрување на состојбата со човековите права поради која е во конфликт со Западот, пренесува „Н1“.
Ала Абдел Фатах, секуларен критичар на режимот и икона на египетската револуција во 2011 година, беше осуден на 20 декември на пет години затвор поради ширење лажни вести. Тој беше осуден за „ширење лажни вести кои ја нарушуваат националната безбедност“ поради ретвитови, а пресудата не може да се обжали.
Мохамед Бејкер, еден од адвокатите на Абдел Фатах беше осуден на четири години затвор по истите обвиненија. И двајцата беа уапсени во 2019 година и поминаа речиси две години во притвор. Слична затворска казна беше изречена и за блогерот Мохамед Ибрахим.
Програмерот Абдел Фатах беше истакнат активист за време на бунтот во 2011 година со кој беше соборен автократскиот лидер Хосни Мубарак кој владееше со Египет 30 години.
Падот на Мубарак доведе до краток и хаотичен демократски експеримент кој заврши во 2013 година, кога Абдел Фатах ал-Сиси, актуелниот претседател и поранешен воен генерал предводеше пуч против избраниот исламистички претседател.
Властите потоа ја прогласија исламистичката организација Муслиманското братство која победи на изборите во 2012 година за терористичка група и уапсија илјадници исламисти, но цел на апсења беа и секуларни активисти, новинари, блогери и други критичари на режимот.
Пресудата против тројцата активисти е последна во серијата случаи во кои локални и меѓународни групи за човекови права ја обвинија владата на Сиси за крешње на човекови права, бидејќи десетици илјади луѓе беа уапсени во пресметката на владата со политичките противници од воениот удар во 2013 година, наведуваат медиумите. Дополнително тие укажуваат дека новинарите и активистите за човекови права поминаа години во затвор без обвиненија.