Египетскиот водител на провладино ток-шоу, Каири Рамадан, е уапсен под обвинение дека ја навредувал полицијата и дека ширел лажни вести преку неговата емисија.
Локалните медиуми посочуваат дека Рамадан објавил изјава на жена на полициски службеник, која се жалела на малата плата на сопругот, поради што морала да работи како куќна помошничка за да ја плати школарината на децата.
Обвинителите од Каиро наредиле 24-часовен притвор за Рамадан, додека е во тек истрага од националните безбедносни служби за информациите кои ги изнел во својата емисија.
Египетските власти го зголемуваат притисокот врз локалните и странските медиуми пред изборите во земјата кои ќе се одржат овој месец, на кои претседателот Абдел-Фатах ел-Сиси е огромен фаворит да освои нов мандат, откако скоро сите релевантни противкандидати биле елиминирани од изборниот процес на различни начини, додека во трката останал само малку познат кандидат.