„EXITVERSE @ Coke Studio“ е новата виртуелна турнеја во организација на фестивалот „Егзит“ и Кока-Кола што се одржува од 27 мај до 18 јуни во неколку градови во Србија и Македонија.
Станува збор за аудио-визуелно искуство што го сочинуваат познатите фестивалски локации снимени со 8К 360 ВР камера.
Овој викенд фестивалската екипа пристигнува во Македонија. Аудио-визуелното искуство што, како што информираат организаторите, ќе го доближи духот и енергијата на „Егзит“ на 3 јуни (сабота) ќе ја посети Струмица, а на 4 јуни (недела) Скопје.
Во рамки на оваа турнеја е предвидена и музичка програма, која во различни градови ќе ја предводат диџеите Марко Настиќ, Андреј Мицајков, Чваре, Васо, „Соул кејс“, „Лутон & Шќепине враголије“, „Рескобар“, „Рани“, „зарЕз“, „Шумадиско“.
„Посебно за оваа прилика ќе биде креиран и специјален пакет на брендирани производи од кои по еден во секој од градовите ќе содржи две вип влезници за ‘Егзит’, додека сите собрани средства преку ‘Егзит’ фондацијата ќе бидат донирани во хуманитарни цели“, информираат од организацијата.
Егзитовиот ВР проект првобитно беше претставен на Светската изложба „Експо 2020 Дубаи“ и од тогаш ВР зоната е составен дел на сите изданија на фестивалот и настани кои ги организира.
Првиот настан се одржа минатата сабота (27 мај) во Крагуевац, а турнејата продолжува во Нови Сад на 10 јуни, во Суботица на 11 јуни, и во Панчево на 17 јуни, додека завршната станица ќе биде во Белград, во недела, 18 јуни.
Годинава на „Егзит“ што ќе се одржи од 6 до 9 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад ќе настапат „Д Продиџи“, „Ву-Танг Клан“, Скрилекс, „Чејс & Статус“, Рико Насти, како и Ерик Приц, Нина Кравиц, Амели Ленс, Индира Паганото, Алесо, „Вајагра Бојс“, Димитри Вегас и Лајк Мајк, Клептоун, „Каинемузик“, „Хот Синс 82“, „КамелФат“, Бен Бомер лајв, „Агентс оф Тајм“ лајв, „Мајн Агенст“, „Софи Такер’, „Ел-Еф Систем“, Махмут Орхан, Бурак Јетер и многу други.