ЕК: Расте нетолеранцијата кон ЛГБТИ луѓето во Македонија

Има знаци на зголемување на нетолеранција кон ЛГБТИ луѓето, како што се континуираните физички напади врз ЛГБТ Центарот за поддршка во Скопје и хомофобични медиумските содржини, стои во најновиот извештај за напредокот на Македонија на Европската Комисија.

ЕК: Расте нетолеранцијата кон ЛГБТИ луѓето

Комисијата упати критики до јавните функционери и до медиумите, од кои се очекува јавно да ја осудат нетолеранцијата кон оваа популација.

„Додека полицијата реагираше соодветно на насилните инциденти, треба да се спроведат целосни истраги и многу повеќе треба да се направи од страна на јавните функционери и од страна на медиумските професионалци, сопственици и организации, за јавно да се осуди нетолеранцијата и незнаењето“, се вели во поглавјето 2.2 од извештајот, насловено „Човекови права и заштита на малцинствата“.

Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД) денеска исто така го осуди молкот на институциите кон злосторствата сторени од омраза и заканите врз ЛГБТИ луѓето и активистите.

„Од првиот напад на ЛГБТИ центарот за поддршка веќе е измината цела година, додека во јавноста сѐ уште нема одговор дали надлежните институции презеле мерки за откривање на сторителите и дали е покрената постапка со која сторителите би се повикале на одговорност“, се вели во писмото на МЗД.

Во извештајот на Европската Комисија исто така се потенцира дека напредокот во почитувањето и заштитата на малцинствата останува попречен од ограничените финансиски ресурси , несоодветна соработка помеѓу надлежните органи и значајна потреба за проактивно спроведување на релевантните политики, особено на стратегијата за Ромите.

„Државното финансирање допрва треба да биде распределено за имплементација на Стратегијата за интегрирано образование. Трендот на поделба по етнички линии во училиштата и инцидентите на меѓуетничко насилство продолжува. Имаше одредени меѓуетнички инциденти во текот на извештајниот период. Инцидентите меѓу младите луѓе продолжија да го оптоваруваат меѓуетничкиот дијалог и доверба“, се вели во извештајот.

Европската Комисија констатира дека говорот на омраза за време на спортските настани, насилството во јавни простори и демонстрациите ги зголемуваат меѓуетничките тензии, кои често пати се поттикнати од пристрасните известување од страна на медиумите.

К.О.