ЕУ со загриженост констатира дека некои од измените на Законот за Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста, влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво, рече за ТВ 24 Ана Писинеро, портпаролка на Европската комисија (ЕК).
Од ЕК изразуваат жалење поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која велат треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ acquis.
„Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки“, вели Писинеро.
Од ЕК посочуваат дека зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидна истрага, како и гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење.
„Комисијата ќе продолжи да го следи развојот на владеењето на правото многу внимателно, вклучително и во контекст на пристапните преговори“, велат од ЕК за ТВ 24.
По ова, запрашан да го коментира ставот на ЕК, премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека сите процеси што се одвиваат кај нас на некој начин се комуницирани со ЕУ, бидејќи, како што додаде, заедно со Албанија во моментот се води скринингот.
Според Ковачевски, измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни на функционерите се позитивни и ќе доведат до поголема ефикасност на правосудниот систем.
„Кај нас во државата многу работи одат споро и со право тоа се заблежува. Но, кога нешто ќе оди брзо мислам дека не треба многу да му се забележува. Измените се направени во согласност со законодавства кои важат во ЕУ. Ако го видите германското законодавство, тогаш членот кој кај нас најмногу се коментираше дека го нема е баш таков и во Германија. Ако ја видите висината на казните и ги споредите со Словенија, ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што ние претходно имавме закон во кој што казните беа од комунистичко време бидејќи беа направени од еден, јас би нарекол Дарт Вејдер на македонското судство, не значи дека не треба да се сменат“, рече Ковачевски, додавајќи дека сега се воведува конфискација на незаконски стекнат имот што било барање на граѓаните и нема повеќе судските случаи да се водат во недоглед.
Инаку, дека измените се разгледуваат во Брисел вчера најави и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој истакна дека наскоро ќе има реакција по ова прашање. Пратениците во Собранието со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, пред една недела ги донесоа измените и дополнувањата на Кривичниот законик (КЗ) кои предизвикаат сериозни реакциии во јавноста.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побараа претседателот Стево Пендаровски да го искористи правото на вето, но тој сепак го потпиша указот за прогласување на измените на КЗ. Според Платформата, меѓу другото, промените ќе водат кон застарување на многу случаи на висока корупција, како и дека ќе се демотивираат граѓаните да пријавуваат корупција.
„Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со: застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил; ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција; ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда. Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“, рекоа од Платформата.