Екипата на „Телевизија 24“ синоќа повторно била нападната на протестот „За заедничка Македонија“. Како што соопштија од телевизијата, нивниот новинар и снимател биле туркани и влечени додека професионално си ја извршувале работата.
Новинарот Христијан Баневски, кој секојдневно ги следи протестите, вели дека режисерот Борис Дамовски, кој е еден од организаторите на протестот „За заедничка Македонија“, пред да почне туркањето саркастично му рекол да се тргне за повторно да не биде повреден, пренесува „Мета“.
„Дамовски само мене од сите новинари ми рече „Те молам, тргни се за повторно да не бидеш повреден“. Саркастичната порака се однесуваше за тоа што во петокот ми се случи, кога ме удрија со знаме“, вели Баневски.
Новинарот на „Телевизија 24“ во петокот минатата недела, додека известувал од протестот, доби два удари во глава со стап од знаме. Тогаш еден од организаторите на протестот, Богдан Илевски, познат како Бетмен Велит, изјави дека веројатно лицето не знаејќи како се вее знаме, го удрил новинарот. Претходно вербално нападната беше и екипата на телевизија „Телма“, додека новинарот и снимателот на „А1он“ беа физички нападнати додека го следеа првиот протест на иницијативата „За заедничка Македонија“, по што со потрес на мозок завршија во Ургентниот центар во Скопје.