На 26 март, со почеток во 10 часот еко-акцијата „Чисти ридови за сите“ – повторно ги мобилизира граѓаните на Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.
Организаторите велат дека во акцијата се вклучени и поддршка ќе дадат сите општини, училишта, граѓанскиот сектор, спортските здруженија, асоцијации, граѓански иницијативи и индивидуалци, а помош во реализацијата ќе обезбедат и општинските комунални претпријатија.
„На природата и треба наша постојана заштита и заштита. Човештвото не мисли дека уништувањето на шумите, загадувањето на водата, уништувањето на животните доведува до смрт на природата. Дополнително, создавањето на мини депонии од страна на несовесните граѓани ја груби општата перцепција за тоа како треба да се однесуваме кон средината во која живееме. Оваа еко-акција „Чисти ридови за сите“ веќе неколку пати покажува пример како наместо да се загадува животната средина, таа редовно треба да се чисти и штити, а во соработка со речиси сите општествени чинители како и да се креира една континуирана стратегија сè со цел и местата каде луѓето се уште не водат доволно грижа за овој клучен момент да бидат запознаени кои се бенефитите од здрава и чиста животна средина. Човечката околина, особено онаа што е со редовен пристап од многумина треба да биде на мапата за постојан пристап за чистење, а со тоа и загадувачите да бидат информирани за негативните постапки и соодветно казнети“, велат организаторите на акцијата.
„Наместо да бидеме сведоци на еколошка катастрофа, со оваа еко-акција оставаме позитивен пример и за идните генерации, никој не сака загадена почва, вода и воздух, оттука потребата за почести акции за чистење на околината во која живееме. Секој од нас може и мора да ги почитува елементарните правила на еколошката култура. Одржувањето на улиците чисти, фрлањето ѓубре на посебно одредени места е лесно, а особено е важно да бидат одржувани чисти сите излеттнички места и локации кои се посетуваат за рекреација и забава“, додаваат тие.
Оттаму велат дека ќе се чисти на неколку места во сите општини поединечно, а повеќе информации за зборните места и што учесниците ќе треба да понесат со нив ќе следат во следните денови.