Активисти од групата за борба против климатски промени „Последната генерација“ го отсекоа врвот на божиќната елка која е поставена пред Бранденбуршката порта во Берлин, главниот град на Германија.
Од групата соопштија дека нејзините членови користеле хидрауличен кран за да исечат 2 метри од врвот на 15-метарското дрво со пила и дека закачиле транспарент со натпис „Ова е само врвот на елката“. Германската полиција го потврди инцидентот, јавува Асошиејтед прес.
„Последната генерација“ во соопштението наведе дека целта била да се истакне дека Германија во моментов го гледа само „врвот“ на климатската катастрофа што се случува низ светот.
Во соопштението се повикува владата на германскиот канцелар Олаф Шолц да направи повеќе во борбата против глобалното затоплување.
Групата привлече внимание и гнев во последниве месеци со нивните директни акции, вклучително и блокирање на важни патишта и фрлање храна врз познати слики.
Критикувајќи го овој вид протест, Шолц ги повика активистите наместо такви акции да „покажат малку креативност“.