Еко-активисти на протест по загадувањето на Крива Река: До кога ќе си играме мајтап со реките?

„Крива река не ви е крива“, „Реките треба да не’ снабдуваат со вода и храна, не со канцер“, „Од држава со питка вода ќе станеме држава со техничка вода!“, „До каде е пречистителната за Вардар?“, „Република Депонија“…

Ова беа дел пораките на еко-активистите што вчера ги упатија на протестот кој започна Министерството за животна средина и просторно планирање, како една од клучните институции за спорниот случај со загадувањето на Крива Река, предизвикано од рудникот Тораница, управуван од „Булмак 2016“.

Еко-активистите периодов упорно бараат одговори и одговорност, потенцирајќи дека за истекувањето на токсични материи и целата оваа трагедија, има институционални пропусти.

„Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон. Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент“, изјави Ивана Дракулевска од Зелен Хуман Град (ЗХГ).

Дополни, бараат да се покрене истрага за надлежните лица во инсистуциите кои, според еко-активистите, морале да си ја завршат работата согласно законот, а тоа не го направиле.

„Особено Државниот инспекторат за техничка инспекција и за инспекторите кои не земале мостри дента на настанот. Дали го провериле и следеле квалитетот на опремата која што располагал рудникот, техничката опрема, цевките, дали се исправни, дали не, ова можело да се предвиди и да се превенира. Не можеме да очекуваме цевка која што е стара 30 години ќе трае вечно“, посочи Дракулевска.

Активистот Дејан Димитровски од Зелените од Гази Баба се осврна на одговорноста на институциите за овој случај, но и на пошироката одговорност кон граѓаните и животната средина.

„Должен е инспекторатот да ни даде информации, што е можно побрзо. Претходно кај сите влади, а и кај оваа Влада, апелирав и апелирам да ги тргнат рацете од животната средина, бидејќи тоа е нешто најсвето што граѓаните го заслужуваат – и по Устав имаат право на здрав живот. Ги замолуваме да ги тргнат бизнис интересите од здравјето на граѓаните“, нагласи тој.

Еко-активистката Ива Петровска од ЗХГ, посочи дека не за џабе грбот на Македонија водите се прикажани како сини, а не сиви – и тоа требаше да го одржиме.

„Ако нашите родители и нашите баби и дедовци можеле слободно да се капат во сите овие реки, па дури и да си ги перат алиштата во нив, денес ние не можеме ниту да им се приближиме. Ако сакаш да влезеш во Вардар, треба да имаш примено вакцина за тетанус. Ако успеавме да стигнеме од таму до тука за само две генерации – што планирате да им оставиме на нашите деца?“, рече таа, прашувајќи до кога ќе си играме мајтап со реките и треба ли да ставиме приоритет кон водата да биде чиста?

Воедно, таа се осврна и на пречистителната станица за Вардар. За неа, потсети дека се обезбедени 70 милиони евра како неповратен грант од Европската Унија и дополнителни 130 милиони евра како кредити од Европската инвестициска банка.

„Овие средства се наменети за изградба на пречистителната станица која ќе овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води за жителите на Скопје. Иако тендерската постапка беше завршена во 2022 година, изградбата на станицата сѐ уште не е започната – или, пак, немаме целосни информации до каде е постапката“, посочи Петровска.

Исто така, еко-активистите потсетија и на останатите проблеми и еколошки катастрофи во Македонија.

„Дебарско езеро речиси целото пресуши, а токму таму се наоѓа и хидроелектраната Шпиље. Со изградба на хидроелектрани дополнително ги злоупотребуваме чистата вода и водните еко системи. Овие денови можевме да прочитаме и за помор во Дојранското езеро, а веќе наредниот ден градоначалникот на Дојран демантираше дека станува збор за еколошки инцдент. Угинатите риби според него биле резултат на мрестење“, рече Дракулевска од ЗХГ.

Инаку, минатата недела Основното јавно обвинителство Куманово информираше дека предметот за загадување на Крива Река ќе го преземе Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Како што претходно информираа, кумановското обвинителството формираше предмет, во меѓувреме стигнала и кривичната пријава од градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Бојан Шашевски