Безмалку два месеци поминаа откако во депото на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, пред десетици новинарски екипи и многубројни политичари, беа промовирани шест еко-автобуси кои се донација од Европската Унија. И покрај тоа што помина толку време, скопјани сè уште не се возат во нив, иако директорот Драги Кушовски на настанот на 26 ноември, кажа дека тие ќе почна да сообраќаат за две недели, пишува новинската агенција Мета.
Одговорот на прашањето што е тоа што ги спречува властите да ги пуштат во употреба новите еко-автобуси најпрво беше згрешена шасија, а сега е проблеми со процедурата за каско осигурување.
„Се чека да заврши процедурата за каско осигурување. Наредната недела треба да бидат пуштени во употреба. Документите што требаше да се преведат од турски, се средени. Беше згрешен и бројот на шасија, па и тоа малку ги одолговлече работите“, рекоа од ЈСП за Мета.мк.
Кон средината на декември, како што пишуваше Мета.мк од ЈСП тврдеа оти еден од автобусите бил заведен со погрешен број на шасија па затоа се доцни. Грешката наводно била утврдена откако ЈСП ги презело автобусите. Втората причина за доцнењето беше и блокираната сметка на претпријатието, што го одложило плаќањето на осигурувањето за новите возила.
„Ни беше замрзната сметката поради долг кон „Пуцко петрол“ и затоа не можевме да го платиме осигурувањето за автобусите. Моравме да ја одблокираме. Освен тоа требаше да се допреведат уште некои документи од турски јазик за хомологација. Сега само чекаме да заврши постапката за каско осигурувањето“, информираа тогаш од кабинетот на директорот на ЈСП Скопје. Тогаш најавија дека на седницата на Советот на град Скопје треба да помине нова Одлука за прием на автобусите, овој пат со точниот број на шасија, што и се случи. Но, и покрај тоа, автобусите не се ставени во употреба.
На промоцијата на новите автобуси на метан покрај евроамбасадор Михалис Рокас, присутвуваа и градоначалничката Данела Арсовска, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и претставничка на УНОПС во земјата, Микела Телатин. На настанот имаше десетици новинари и сниматели.
Донираните еко-автобуси се произведени во Турција. За нив има гаранција две години, а одговорните тврдат дека кај нас има фирма во која би се вршел сервис и која би обезбедила резервни делови ако за тоа има потреба. Автобусите возат на метан и имаат автоматски менувач. Од ЈСП велат дека на возачите нема да им биде потребна обука околу управувањето со нив.
Јавниот транспорт во Скопје се поднови со шест еколошки автобуси донирани од Европската Унија