[Фото] „Еко Долина“: Граѓани со протест побараа итно да прекине пробивањето на патот на Беласица

„На денешниот мирен протест на сред село во Старо Коњарево се собраа повеќето присутни жители на ова село, присутен беше и градоначалникот на Ново Село, претставници од медиумите, како и активисти од ‘Еко Долина’. Единствени бевме сите во јасното изкажано барање за итен прекин на пробивање на патот над селото“, соопштуваат од „Еко Долина“, објавувајќи и фотографии од денешниот протестен собир.

Според „Еко Долина“, силните вчерашни експлозии биле тие што ја прелиле чашата и биле непосредна причина за денешниот протест.

„Дознавме дека на повеќе места каде што е пробиван патот веќе има појава на одрони и ерозија на тлото. Инаку станува збор за една од најстрмните падини на Беласица, на самата граница со Бугарија, каде претходно воопшто немало никаков пат, ниту пак механизирана екплоатација на шума. Конечната цел на овој пат е да се стигне до столетната букова шума, лоцирана на едно од најнепристапните места, која никогаш досега не била експлоатирана“, се вели во соопштението на „Еко Долина“.

За да бидат нештата уште полоши, велат од таму, патот е пробиен над самото село, на неколку десетина метри од изворите на вода за пиење, па сметаат дека жителите оправдано стравуваат дека водата ќе биде загадена, неколку водотеци веќе се пресечени.

„За да се увериме како стојат работите се упативме на лице место во шумата над селото. Веќе има паднато секаков материјал од одроните во водотеците, додека пак карпите каде е пробиен патот се доста ронливи и лесно се обрушуваат на повеќе места. Патот е доста стрмен и поради одроните непристапен докрај со моторни возила. Поранешни возачи на камиони ни рекоа дека не можат да си замислат како натоварени камиони или трактори би можеле натоварени воопшто да се спуштат по овој нов пат“, велат еко-активистите.

На неколку места забележавме случаи на одрони на поголеми карпи, кои, велат тие, тркалајќи се неколку стотина метри надолу имаат направено штета од таквата лавина.

Може да замислиме само какви би биле последиците во иднина ако на ваквиот нестабилизиран терен наврне пороен дожд или почне да се топи снегот од планината. После получасовна расправија со работниците кои со помош на булдожерот го пробиваа патот, жителите на селото се изборија истиот да биде повлечен и спуштен долу и повеќе да не го пробива патот нагоре! Тоа е денешната победа и резултат на сплотеноста на народот!Апелираме веднаш надлежните институции да пристапат кон стабилизирање на тлото околу веќе пробиениот пат! Ова злосторство против природата има потенцијал за предизвикување на уште поголема поплава и свлечиште од она од 2004 година! Во опасност се животите и имотот на жителите на Старо Коњарево!“, велат еко-активистите.

Има се уште време до пролетните дождови и топењето на снегот од Беласица. Затоа, апелираат еко-активистите, да се дејствува пред да биде предоцна.

„И на крај ќе мора да се обзнани кој и со каква намера дозволил ваков опасен и непромислен потфат да се реализира. Не може заради личните интереси на грст поединци да се загрозува директно правото на живот, чиста вода за пиење и здрава животна средина на едно цело село“, стои во соооштението на „Еко Долина“.