Преполовен е бројот на деца со респираторни болести во текот на изминатите две години во Полошкиот регион, покажуваат податоците кои изминативе години ги собирале движењата „Еко Герила“ и „Мајка и дете“.
„Пред четири години кога почнавме да протестираме, мислевме дека главниот загадувач Југохром ја труе животната средина со околу 40 отсто. Со официјалните мерења на Министерството за животна средина, оваа фабрика предизвикала 60 отсто од загадувањето во Тетово и околината, со што градот стана еден од најзагадените градови во Европа, според Светската здравствена организација. За време на работата на „Југохром” годишниот просек PM10 изнесуваше 145, со затворањето на истата просечното загадување во 2017 година паѓа на 61. Тетово беше европски шампион во загадување, а денес е на 7 место во Македонија“, се вели во соопштението.
Оттаму нагласуваат дека бројот на заболени деца на возраст од 0 до 6 години со проблеми со дишењето, каде разликата е скоро двојно помала. Во 2015 година, кога работел Југохром, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога не работел овој број се намалил на 18.578 случаеви, стои во податоците на движењата.
Сепак, нивната мисија не завршува тука. Велат, борбата ќе ја продолжат во форма на нудење правна помош на граѓаните чие здравје е оштетено од работењето на фабриката.
„Во соработка со адвокати, правници и експерти за заштита на животната средина, ќе им помогнеме на сите оштетени граѓани со тужби за да ја надоместат предизвикана штетата. Исто така, ќе поднесеме кривична пријава до Обвинителот за оние кои ја дозволија и предизвикаа оваа бавна смрт на граѓаните на Тетово и пошироко. Ние сакаме да веруваме дека Обвинителството и судовите сега се во друга фаза и независни, и ќе го почитуваат Уставот, за разлика од минатото кога беа заробени од страна на политиката и другите странки“, најавуваат движењата.
Оттаму ги поздравуваат кривичните пријави што ги поднесе МВР Битола, против поранешните директори на РЕК БИТОЛА.
Истата одговорност треба да се бара и за загрозување на животот на луѓето во Полошкиот регион, сметаат од „Еко герила“ и „Мајка и дете“.
„Воздухот, водата, почвата и животот на граѓаните треба да бидат најзначителни и пред се. Секоја не остварена одштета кон граѓаните на Тетово за овој екоцид со фатални последици ќе има тежок одговор од сите нас. Нулта толеранција!“, велат од движењата.