Здружени еко-иницијативи и организации испраќаат писмо до пратениците во Собранието на Република Македонија, укажувајќи дека со предложените измени на Буџетот од 7 јули, буџетот за животна средина трпи големи промени.
„За заштита на животната средина средствата се намалени за околу 4.9 милиони евра, за 25 отсто. Од овие средства експлицитно за Заштита на животната средина намалувањето е за 3.9 милиони евра, 24%“, реагираат активистите.
За намалувањето на загадувањето има скоро 1 милион евра помалку, односно 36% намалување, понатаму за Управување со отпадните води 24% помалку, а вкупниот буџет на МЖСПП е намален за скоро 2.4 милиони евра, 23% намалување. Во него, за заштита на животната средина 600.000 евра помалку – 23% намалување.
„Ионака исклучиво малите средства за мониторинг се додатно скратени за 24%, буџетот за унапредување на животната средина е намале за 530.000 евра, 17 %, а средствата за заштита на води кои се минорни намалени се за 26%. Некои ставки, како Поправки и тековно одржување, договорни услуги, вложувања и нефинансиски средства се намалени за 50%, 60% и повеќе. Во состојба со екстремно загаден воздух, води, почва, нестандардни и илјадници диви депонии во Македонија, намалување на средствата е неприфатливо. Ваквиот чекор е неодговорен и покажува негрижа за здравјето на своите граѓани на своите граѓани и иднината на оваа земја“, велат активистите.
Сепак, според нив еден момент е за поздравување – релоцирање на 197.000 евра во Владата на РМ за чистење на депониите во Тетово. Исто така, зголемување на средствата за Дојранско езеро за 197.000 евра.
„Меѓутоа кога ќе се земе обемот на намалување на средствата, овие суми се само фракција од она што е одземено. Долго време животната средина е област која е на маргините на интересот кога станува збор за вложени финансии и инвестиции во неа. Иако е постандардно финансирана, далеку од она што е потребно, постојано се закинува од тие средства за накоја друга употреба, како од нешто неважно. Животната средина мора да стане приоритет, зошто без здрава животна средина, нама живот. Ние велиме СТОП за маргинализирана животна средина, стоп за недоволното финансирање и кратење на средствата наменети за оваа област. Бараме средствата наменети за заштита на животната средина, ако веќе не е можно да се зголемат, да не се намалуваат во предложените измени на Буџетот на РМ за 2017 година. Нашата голгота како граѓани на оваа земја кои живеат во загадена и деградирана животна средина, мора да престане“, стои во писмото до народните претставници.
Како дел од работите допрва чекаат да се решат се е и загаденоста околу ОХИС, загадувањето од РЕК Битола и од отворената депонија на Топилницата во Велес, дивите депонии, проблемот со возилата и техничките прегледи…
Инаку, на писмото се потпишани граѓанските иницијативи „О2 Коалиција за чист воздух, „Воздух сега!“, „Ние сме Карпош 4“, „Стоп за загадувањето“, „Мајка и дете“, „Куманово бара чист воздух“, „Скопје смог аларм“, „Охрид СОС“, „Спас за Водно“ и здруженијата „За нас се работи“, „Еко Герила“, „Е.Д.Е.Н.“ и „Меѓаши“.