Еко-свест преку соопштение до јавноста реагираат на најавите за отворање на нов рудник за лигнит во Живојно, во Општина Новаци. За нив овој проект е неприфатлив од еколошки, енергетски и економски аспект, а посочуваат и дека е спротивен со сите стратегии и декларираните заложби на државата.
Од организацијата велат дека откако на листата на пријавени проекти за Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан се нашол и рудникот за лигнит Живојно, нивната претпоставка била дека станува збор за ненамерна грешка и остаток од стари планови пред изработката на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година.
„Но, сега и директорот на компанијата во државна сопственост АД ЕСМ во изјава за медиуми најавува дека активно се работи на отварање на рудникот и дека биле преземени конкретни чекори во 2021 година. По ваквата најава, со кратко истражување се откри дека АД ЕСМ веќе неколку години, во период и пред енергетската криза, доделило неколку тендери за изработка на документација за отворање на рудникот. Во 2019 година е доделен тендер за изработка на главен рударски проект и оцена на влијанието за животната средина; во 2020 година за геотехнички истражувања за одлагалиште на јаловина од рудникот и во 2021 година за елаборат за експлоатација. Сето ова се случува во период кога се изработува и усвојува Стратегијата за развој на енергетиката до 2040г. и се работи на Националниот план за енергија и клима – плански документи што јасно укажуваат на потребата од забрзана енергетска трансформација и оддалечување од употребата на фосилни горива, а со кои ја поставија земјата како лидер во рамки на Енергетската заедница во однос на плановите за трансформација на енергетскиот сектор“, стои во соопштението на Еко-свест.
Активистите велат дека ваквото однесување во енергетскиот сектор е недозволиво, без разлика дали преземените активности за отворање на нов рудник се самостојна иницијатива на АД ЕСМ, или се направени во координација со Владата и Министерството за економија.
„Едно е да се направи интервентен увоз на јаглен за да се пребродат неколку месеци од енергетската криза, но сосема друго е целосно да се поткопаат сите обиди за енергетска и праведна транзиција. Отворање на нов рудник само ќе ја влоши ситуацијата произлезена од триестетгодишното неспроведување на плановите во енергетскиот сектор и од одложувањето на искирустувањето на новите обновливи извори на енергија, како што се сонцето и ветерот“, вели Невена Смилевска од Еко-свест.
Од организацијата посочуваат дека за земјата конечно да ја фати правилната насока, треба активно да работи на праведната транзиција и постепено намалување на вработените во рудниците за лигнит, а не да се отвораат нови рудници.
„Сите инвестиции во енергетскиот сектор што ќе се преземаат од денес натаму мора да бидат во согласност со обврските од стратегиите и меѓународните договори.. Времето на одобрување и реализација е исто, нема оправдана причина да се троши време, капацитети и финансии за проекти што ќе не вратат многу чекори назад и ќе продолжат да ја трујат животната средина и населението“, дополнува Давор Пехчевски од Еко-свест.