Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест го поддржува стапувањето на сила на одредбите за забрана за користење на пластични кеси за носење на стоки на пазарот, која почнува со примена од денес.
Сепак, ова според нив, треба да биде само првиот чекор во борбата со пластичното загадување. Од „Еко-свест“ очекуваат во блиска иднина да се пристапи и кон регулирање на другите производи од пластика за еднократна употреба, како цевки, чаши или прибор за јадење.
„Ја поддржуваме одлуката да се преземат мерки за да се намали употребата на пластични кеси и очекуваме со правилно спроведување таа да има позитивно влијание врз намалувањето на отпад од пластика и микропластика. Исто така, со ваквата одлука, очекуваме да се овозможи и понатамошен развој на циркуларната економија, со што ќе се стимулира селекција на отпад кога ќе се создаде соодветна инфраструктура за тоа“, истакна Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.
Оттаму апелираат до трговците и мрежата на супермаркети во своите продажни мрежи да стимулираат користење на хартиени кеси и платнени торби за повеќекратна употреба. Повикуваат и на доследно спроведување на забраната за употреба на пластика за еднократна употреба во националните паркови и заштитени подрачја која исто така стапува на сила од денес.
Од „Еко-свест“ потсетуваат дека државата мора целосно да ги спроведува и европските директиви и стандарди.
„Употребата на досегашните пластични кеси, за кои стандардот за биоразградливост е пропишан уште во 2013 година се големи загадувачи, тешко и многу долго се разградуваат и претставуваат опасност за целиот жив свет, затоа што ние немаме резервна планета“, велат од центарот.
Министерот за животна средина Насер Нуредини денеска појасни дека стандардите остануваат исти како што се во стариот Закон за управување со отпад. Тоа значи дека производителите можат да продолжат да продуцираат пластични кеси со вакви стандарди, кои се биоразградливи до 1 јуни 2023 година.
Од денес стапува на сила новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Па така, во случај да не понесете своја кеса или платнена торба при пазарење, ќе треба да платете 15 денари за биоразградлива кеса.
Според Нуредини, во моментов не е донесена одлука за промена на нивната цена. Тој појасни дека во иднина ќе се носат закони што ќе придонесат за намалување на употребата на пластика.