Еко-здруженијата скептични дека РЕК Битола ќе ги исполни мерките од Нацрт верзијата на еколошката дозвола

Најголемиот производител на струја во државата, а истовремено и еден од најголемите индустриски загадувачи според многу домашни и странски истражувања – РЕК Битола, конечно доби Нацрт-верзија за А интегрираната еколошка дозвола. Комбинатот со децении работи без ваквата дозвола, што значи дека може да загадува без да плаќа казна. Сега е на прагот каде се очекува да се заокружи процесот долг речиси 13 години за добивање на еколошката дозвола и со тоа да ги исполни обврските кои ќе спречат дополнително загадување предизвикано од неговото работење на јаглен. Според предложената верзија на А интегрираната дозвола, во РЕК ќе бидат вложени повеќе од 300 милиони евра за негово модернизирање во наредните 6 години. 

На 10 јануари во Новаци се одржа јавна расправа на која пред невладини и граѓани беше презентирана нацрт верзијата на оперативниот план за инсталацијата, изработен од РЕК Битола и лабораторијата Техно Лаб. Меѓу присутните беше и Душко Груевски од иницијативата „Битола сака чист воздух“, кој верува дека штом започне процесот на усогласување на работата на комбинатот со мерките зададени во дозволата, повеќе нема да има одложување на одговорностите. Сепак, според него, самото добивање на дозволата не значи дека процесот завршил.

„Тоа е еден долгорочен процес кој мислам дека многу доцни и за кој сме им оставиле ние многу простор на институциите на власта, која и да е. Како заклучок можам да ви кажам дека јас сум сепак скептик дека нешто ќе биде. Но од друга страна немам што друго да се надевам, освен дека обврската која си ја презеле, мора да ја завршат и да вршам притисок и да не се излажам дека е готово, завршена е приказната, туку дека само што сме почнале да го трчаме кругот“, вели тој за Радио МОФ.

Груевски нагласи дека мерките во самата дозвола мора да се преземат без разлика која политичка гарнитура би била на власт, бидејќи тоа се стандарди кои ги препишува и Европската Унија.

„Штом почна процесот, се надевам дека нема право и нема можност да биде изманипулирана некоја од тие мерки, да не биде реализирана. Иако досега испаднало многупати да сме излажани“, забележа тој.

„Тоа се мерки кои чинат многу, но пак ќе кажам – секоја мерка што ќе се преземе или ќе се усогласи, е придобивка и за нас и за вработените во комбинатот“, додава Груевски.

Во меѓувреме истекува рокот за здруженијата и граѓаните да достават коментари во писмена форма до Министерството.

„Сите предложени мерки, како и активностите во Оперативниот план, се согласно најдобрите достапни техники за овој тип на индустрија, т.е. Операторот е задолжен да ги исполни во предвидениот рок. Откако ќе се разгледаат сите пристигнати коментари и забелешки по однос на предложената нацрт верзија дозволата ке ја добие конечната верзија“, велат од Министерството за Радио МОФ.

Здруженија се жалат на нетранспарентност и исклученост од процесот

Фронт 21/42 е едно од здруженијата кое на 31 декември, 2019, доставило коментари до Министерството во однос на еколошката дозвола и побарало одржување на јавна расправа. Но, тие не биле повикани на средбата во Новаци. Александра Бујароска оценува дека процесот не е во целост транспарентен.

На веб-страницата на Министерството за животна средина не нашле соопштение дека воопшто е објавена Нацрт А дозволата и каде да се упатат коментари. Тоа е објавено на страницата на Електрани на Северна Македонија на 23 декември.

Нацрт дозволата, е објавена на веб-страницата на Министерството за животна средина без датум и содржи 84 страници во кои се набројуваат услови кои РЕК Битола треба да ги спроведе до 2026.

Бујароска потсети дека РЕК Битола требаше уште пред 5 години да поседува Дозвола за усогласување со оперативен план и да ја унапреди технологијата.

„За РЕК Битола се направи преседан, 2020 а инсталацијата не поседува никаква дозвола. Поради историското неиздавање на дозвола за РЕК Битола, Фронт 21/42 поднесе административна постапка против одделението за интегрирано спречување и контрола на загадувањето која заврши во август 2019 година и која му наложи на одделението веднаш да започне со издавање на дозволата. За жал, процесот досега е исполнет со законски прекршувања кои оневозможуваат ефективно учество во постапката“, образложи Бујароска.

Таа смета дека сомнежот во капацитетот и посветеноста да се унапреди технологијата со најдобрите достапни техники, како што би налагала дозволата, сега е уште поголем ако се има предвид новата Стратегија за енергетика која се усвои во декември 2019 година. Во неа има неколку препораки за иднината на РЕК Битола, меѓу кои и онаа која предвидува негово затворање до 2025 година, посочи Бујароска. Со ова, вложувањето на финансиски средства би било залудно, смета таа.

Слично размислуваат и од независната група на советници во Советот на Општина Битола „Поинаку“, кои исто како и Фронт 21/42 не биле поканети на јавната расправа на Министерството, туку дознале преку медиумите.

„Нашето прашање е што до 2025-та? Три години наназад откако е променета власта, пропаѓаат тендерите за филтри, нема мрднато чекор напред“, вели Иван Чулаковски од „Поинаку“.

„РЕК ќе добие постапка за усогласување со интегрирана А дозвола, но тоа не значи дека од утре нема да загадува. Тука се десулфуризацијата, електростатските филтри, отпепелувањето и препелувањето и еден куп други модернизирања внатре што не знаеме кога ќе бидат  и дали ќе бидат. РЕК Битола неколку пати се обидувал да стигне до таква А интегрирана дозвола, но откако постои комбинатот не добиле таква дозвола“, додава тој.

Чулаковски смета дека добивањето на А дозвола претставува само почеток за РЕК Битола за да стигне до некоја цел по одреден период кога нема да загадува. Според него, државата треба да најде друг начин за да снабдува со електрична енергија.

Како Здружение упатиле предлог до властите граѓаните да добиваат субвенционирана струја, барем во зимскиот период, додека гасификацијата на пристигне во Битола, со цел да се намали загадувањето.

Директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски, во изјава за медиумите информираше дека во текот на овој месец треба да започне постапката за објавување оглас за реконструкција на електростатските филтри, додека реконструкцијата на филтрите ќе се одвива на етапи во 2020, 2021 и 2022 година.

„Од 2022 до 2023 треба да ја започнеме и постапката за добивање потројка за десулфуризација и целиот процес со двете најголеми ставки од оперативниот план да завршат конечно во 2026 година“, рече Ќурчиевски.

Наспроти ова, долгогодишниот активист Груевски не верува дека РЕК Битола ќе биде затворен во вакви услови, а уште помалку дека се работи на отргнување на фосилните горива.

„Ние како земја немаме свест, никој не работи на таа проблематика. Не задоволува потреби на државата и усогласување со некои оперативни планови, туку потреби на некакви олигарси. Се додека кај нас е олигархија, а не демократија, тешко дека некогаш ќе усогласиме тоа производство на електрична енергија со обновливи извори, наместо со фосилни горива“, смета тој.

Емилија Петреска

***

21.01.2020 ДОПОЛНУВАЊЕ: 

По објавата на Радио МОФ, од РЕК Битола реагираа на изјави на „Поинаку“ и „Фронт 21/42“, во кои се пожалија дека не биле информирани за јавната расправа во Новаци која се одржа на 10 јануари.

Од РЕК Битола појаснуваат дека до „Поинаку“ не била испратена покана бидејќи го сметаат за политички субјект, додека до „Фронт 21/42“ испратиле известување на 8 јануари.