Екологијата игра важна улога во секој аспект од нашиот живот. Таа не е важна само за нашата сегашност туку и за идните генерации. Аерозагадувањето ја загрозува нашата животна околина и влијае врз здравјето на луѓето и животните. Секојдневното вдишување на отровните ПМ честички предизвикува респираторни инфекции кај луѓето од сите возрасти.
Во овој контекст, особено значење имаат акциите за чистење и одржување на животната средина што ги организираат младите во Кавадарци. Овие акции не само што ја подобруваат состојбата во животната средина туку и ја подигнуваат свеста кај сите граѓани за важноста на екологијата.
Во последниве години, граѓанската свест за зачувување на околината се зголемува. Волонтерските активности, како чистење на брегот на езерото, садење дрвја, собирање смет, организирање на предавања за еколошки теми, стануваат сè попопуларни особено меѓу младите луѓе.
Еден таков пример е акцијата што ја организираа млади волонтери, кои и учествуваа во најголем број, за чистење на брегот на Тиквешкото Езеро и за садење садници во подрачјето на Журов Дол.
Организатор на акциите беше младата Марија Ристова од Кавадарци, која поддржана од Волонтерскиот центар се обиде да ги мотивира младите да преземат лична иницијатива за подобрување на околината. Според неа, во сите активности за чистење на брегот на Тиквешкото Езеро учествувале по околу 20 млади кои доброволно се пријавиле на повикот да го соберат отпадот, а во акциите кај Журов Дол во Ваташа биле засадени околу 60 садници.
Според Ристова, со вакви акции се подобруваат условите за живот на локалното население, се поттикнуваат младите да бидат свесни за важноста за заштитата на животната средина и се мотивираат да се ангажираат во заедничките заложби за здрава околина.
И минималното учество може да направи промена
Младиот кавадарчанец Александар Стојанов е учесник во акциите за чистење на околината во Кавадарци и тој го сподели своето искуство.
„Од овие акции научив дека дури и минималното учество може да има големо значење за заедницата. Исто така, важно е да се подигне свеста за загаденоста на околината и да се практикуваат одговорни начини на однесување кон неа“, ни изјави Александар. Тој раскажа дека по брегот на езерото собрале секаков вид на отпад – од шишиња, ќесиња, расфрлани отпадоци од храна, догорчиња – што го загадуваат брегот и се грда слика за сите.
Стојанов додава дека по учеството во вакви акции, му се зголемила свесноста како треба да се чува и да се грижи за чистотата во својата заедница и пошироко. И Ристова се согласува дека овие акции имаат силен одек. „Не можам да тврдам за секој поединечно, но сметам дека промената на свеста треба да биде процес на секој поединец кој треба да се запраша каква околина го опкружува и како може да придонесе да се подобри состојбата“.
На прашањето колку младите знаат за екологијата, Ристова вели дека свеста и знаењето кај младите се недоволни.
„Мислам дека таргетот кај младите овие години не е воопшто насочен кон екологијата, туку кон социјалните мрежи. Секој млад човек треба да помине барем еднаш неделно во чиста природа, да се ’запознае‘ со неа и да сфати дека дрвцето кое го засадува и воздухот кој го дише се извор и потпора на нашето живеење“, вели таа.
Првите лекции – во училишните клупи
Младите кавадарчани првите лекции за екологијата ги учат уште во училишните клупи, а првите младински акции во кои учествуваат се во тинејџерските денови. Во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци редовно се одбележуваат Денот на екологијата и Светскиот ден на водите, а средношколците креираат постери, садат садници, учествуваат во еколошките акции организирани од училиштето и градот.
Професорката по биологија Елизабета Иговска вели дека секое зло што ѝ го предизвикуваме на природата ни се враќа, па затоа целта е да се зголеми свеста за да имаме поодговорна младина. Таа вели дека младите, поттикнати од часовите по биологија, честопати ги фотографираат местата со расфрлан отпад, сакаат да алармираат за загадувањето или за други примери на уништување на природата и да бараат решение за нив објавувајќи ги на социјалните мрежи.
„Учениците доаѓаат со предзнаење за екологијата, но ние сакаме сето тоа да оди на повисоко ниво. Во рамките на екопроектот обработуваат различни теми, на пример за Денот на пролетта, за Светскиот ден на морињата, а нивните творби ги поставуваме во холот и на веб-страницата на училиштето. Целта ни е во животната средина во која опстојуваат да не загадуваат, туку да придонесат за реупотреба на материјалите и да придонесат нашиот град да биде убав, а тие да бидат со високи вредности. Тие ги посочуваат проблемите во градот, понекогаш ги фотографираат, понекогаш ги објавуваат на социјалните мрежи и ако нешто се случи на еколошки план, тие се активни во тој поглед“, вели Иговска, професорката по биологија.
Средношколците со кои разговараме велат дека се вклучуваат во еколошките акции и се задоволни кога се ангажирани во заштитата на животната средина. Според нив, потребно е да има се повеќе екоакции и тие да бидат на различни теми од екологијата. И Ристова се согласува дека има простор за проширување на знаењето и на ангажманот на младите за животната средина.
„Со повеќе вакви организации и со поголема распространетост и информираност за нив можеме да допреме до повеќето од младите и да ги зголемиме нивните еколошки знаења“, изјави Ристова.
Младинскиот активизам отвора пошироки перспективи
Преку учеството во активности за чистење на околината и засадување садници, младите луѓе во Кавадарци не само што стануваат дел од промената туку и покажуваат ангажман кон одржлив развој и заштита на природата.
Важно е да се спомне и дека младите екоактивисти се пионери во младинскиот активизам во Кавадарци и отвораат перспективи и за поактивно учество, вклученост и ангажман на младите и за други прашања што се однесуваат на нив и на нивната заедница.
Младинскиот активизам има голем потенцијал во Кавадарци. Преку него се поттикнуваат младите луѓе да станат активни учесници во општествените промени и да го дадат својот придонес во решавањето на одредени проблеми. Овие акции ја засилуваат способноста на младите граѓани да се мобилизираат и да учествуваат во цел спектар на области за: заштита на животната средина, намалување на загадувањето, уривање на стереотипите, повеќе програми за младите, поголема вклученост на младите во родовите прашања, поголема интеграција итн.
Авторка:
Емилија Маркушева
Менторка:
Соња Петрушевска-Поповска
Фотографии:
Петар Мукоски
Овој текст е изработен во рамките на регионалната иницијатива на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот на Обединетите нации за градење мир што го спроведуваат УНФПА, УНДП, УНЕСКО и UNWOMEN, чија цел е да ги поттикне младите да се вклучат во конструктивни наративи, јакнење на меѓукултурен дијалог, инклузија, родова еднаквост и креирање заедничко разбирање и доверба во Западен Балкан.
Ставовите изразени во овој текст се ставови на говорниците и не секогаш ги претставуваат ставовите и мислењата на Фондот на Обединетите нации за градење мир, на УНФПА или на УН Северна Македонија.