Еколошка желботека за 2025 година: Подобар воздух, транспорт, еко-правда и буџет за животна средина

Ова е период за желби за новава 2025 година, па собравме мислења од повеќе еко-организации и иницијативи што сакаат тие да видат во 2025-та во полето на животната средина?

Поголем буџет за екологија, поодговорни институции, поголема свест од граѓаните? Можеби нов закон, или промена на стара легислатива? Некои решенија за воздухот, храната, почвата, зеленилото, отпадот, транспортот…? Што прво им доаѓа на памет како желба?

Ова се нивните одговори:

Фронт 21/42

1.Правна држава. Ова ни е најголемата желба. Посакуваме и се надеваме дека во 2025 година ќе се направи чекорот без кој никогаш нема да живееме во држава во која владее правото и никогаш нема суштински да напредуваме во ниту една област – тоа е сите институции (централна и локална власт, министерства, инспекторати, судови, итн.) во своето работење доследно, целосно и суштински да ги спроведуваат Уставот, законите и меѓународното право.

2.Свест за вредностите на светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и за одговорноста која ја имаме кон сите идни генерации во целиот свет. Во овој контекст, посакуваме во 2025 година да се донесат ефективни закони за управување со светското наследство, за Охридското Езеро и за Студенчишко Блато, во кои ќе се вградат препораките на Бернската конвенција и на УНЕСКО и кои навистина ќе обезбедат долгорочна заштита на нашето највредно природно и културно богатство. Имајќи предвид во колку лоша состојба е Охридскиот Регион, посакуваме во 2025 сите надлежни институции да почнат навистина да го спроведуваат Стратегискиот план за рехабилитација. Бидејќи од досегашното искуство немаме ниту една причина да се надеваме дека претходните желби се реални, посакуваме во 2025 година Охридскиот Регион да биде впишан во Листата на светски наследство во опасност – ова е многу тажна желба, но сметаме дека тоа е единствениот начин да се стопира (или барем значително успори) уништувањето на светското наследство, кое во голема мера го овозможуваат институциите чија основна должност е да ги заштитуваат неговите вредности.

3.Нов закон за заштита на природата, кој доследно ќе ги транспонира европските директиви за живеалишта и птици, но најважно закон кој ќе овозможи ефикасна заштита на (се’ уште) богатата природа во нашата земја.

4.Се разбира, посакуваме во 2025 сите да дишеме нормален воздух, земјата да направи вистински чекори кон современо управување со отпадот, да си ги заштитиме и зачуваме реките кои слободно течат, да го зачуваме Преспанското езеро и ШТО ПОВЕЌЕ АКТИВНИ ГРАЃАНИ КОИ СИ ГИ КОРИСТАТ ЗАКОНСКИТЕ ПРАВА.

Еко Логик

Искрено, ако имаме желба која треба да ја побараме од Дедо Мраз тоа би било да Скопје е навистина ГРАД ЗА ЛУЃЕ, град низ кој ќе има огромен број на велосипедска и пешачка инфраструктура, посебно во населбите, околу училиштата и градинките.

Во новата година сакаме да видамe деца кои се движат пешки или со точак на тротоар и на вело-патека, а не на средина на улица, додека автомобилите го узуприраат целиот јавен простор.

Сакаме посвесни родители, далеку посвесни родители.

Македонско еколошко друштво

Нашите желби во новата година би биле да се одвои поголем буџет за заштита на природата, да се заврши со репрогласување на заштитените подрачја, да се воспостави конструктивен дијалог со институциите и тие да бидат посвесни за помошта што може да им ја даде невладиниот сектор, да се донесе нов Закон за природа во кој ќе бидат вградени европските регулативи и луѓето да станат свесни дека за заштита на животната средина треба секој да направи чекор и промена на навиките, соработката на сите чинители е неопходна.

Мора да знаеме дека  биодиверзитетот кој Македонија го има е наше национално богатство со кое треба да се гордееме и треба да вложиме максимални напори да го зачуваме.

Македонското еколошко друштво преку својата работа и сопствениот пример, покажува дека она што е најважно е подигнување на нивото на свесноста кај граѓаните. Екологијата претставува наука која ги изучува заемните односи на живите организми и нивната интеракција со животната средина. Ние преку сите наши активности наменети за членството, го поттикнуваме токму тоа. Сакаме граѓаните да ја согледаат взаемната врска меѓу човекот и животната средина. И во новата 2025 година ќе продолжиме со истото темпо.

Само со еколошки едуцирани и свесни граѓани можеме да зачекориме во подобра иднина.

Гоу Грин

Како организација посветена на заштита на животната средина, силно веруваме дека треба да се стави поголем акцент на превенцијата и заштитата од загадувањето во секоја форма, кое има директно влијание на секој аспект од животот на луѓето, како и на сите сфери на екологијата. Нашите активности во оваа област се насочени кон подигнување на свеста кај младите преку неформалното образование, со цел да ги мотивираме да преземат активни чекори за заштита на животната средина, но и преку соработка со институциите кои ја имаат најголемата моќ во борбата за подобра животна средина.

Исто така, би сакале да ја продолжиме одличната соработка со општините и Министерството за транспорт од која очекуваме корисни резултати за употребата на велосипеди во урбана средина.

Зелен Хуман Град

Ние би сакале да видиме активни граѓани кои во 2025 самоиницијативно ќе се борат за подобра животна средина.

Започнувајќи од своите влезови и маала, до своите општини и градови, сплотено против најгорливите проблеми. Овој тип на локално делување ги инспирира сите, и е секогаш позитивен чекор напред кон граѓански активизам кој секогаш е потребен во голем број!

Бојан Шашевски